Најголема излезност за претседателските избори во дипломатско конзуларните пртставништа (ДКП) во Европа засега има во Прага, 23,4 отсто, а најниска во Истанбул, 3,57 проценти, соопшти портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК) Љупка Гугуческа.

Како што рече Гугуческа на првата прес-конференција за изборите, гласањето се одвива тековно и без проблеми. Излезноста во ДКП-ата во Будимпешта е 18,75 проценти, во Брисел 18,37, во Загреб 16,67… Излезноста во ДКП-ата до 18:30 часот во Канбера е 38 отсто додека во Мелбурн 57,58 проценти. Гласачките места во САД и Канада ќе бидат отворени во 19 часот.

Вкупно 3.150 домашни и 419 странски набљудувачи, како и 20 странски новинари го следат гласање за претседателските избори во земјава, нагласи Гугуческа и потсети дека  право на глас имаат 1.808,131 граѓани, а во 32-те дипломатско конзуларни претставништа се пријавиле 1.781 гласач.

Одговорајќи на новинарско прашање, портпаролката на ДИК информира дека денешното гласање во затворите се одвива не пречено и до 10 часот правото на глас го искористиле 22 проценти.

Во 13 КПУ право на глас имаат 1.640 лица. Сите места се отворени на време и гласањето тече без никакви проблеми, истакна Гугуческа.

Прв пат за претседателските избори се гласа и во два старечки дома, и притоа 71 лица имаат право да искажат својата поддршка.

Новина е и тоа што за граѓаните со оштетен слух ДИК го отвора телефобнскиот број 076/488-360 на кој преку видео повик ќе биде одговорено секое прашање.

Ги потсетувам граѓаните дека на 0800 555 444 ќе може да се јават да постават прашање во врска со гласањето, рече Гугуческа.

Следната прес-конференција ДИК ќе ја оддржи вечер во 20 часот и на неа се очекува да бидат соопштени до тогаш сумираните гласови од дијаспората во Европа и Австралија како и од затворите.