Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е оптимист и очекува да се постигне договор за Законот за јавно обвинителство, кој ќе го одреди идниот статус на СЈО.

„Јас секогаш верувам дека доколку постои честита намера од спротивната страна дека е можен консензус“, вели Мицкоски.

Според Мицкоски, предлогот од ВМРО-ДПМНЕ кој како што вели е согласно законите и Уставот има реформски цели, а предлогот на власта потенцира тој е со единствена цел за пресметка со политички неистомисленици.

„Оној предлог закон кој што го  испорача Владата, кој има една единствена цел, пресметка со политичките неистомисленици, продолжување на политичкиот прогон и по можност затворање, односно угушување на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи знаат дека на следните парламентарни избори ќе бидат декласирани и дека ќе бидат во опозиција и ќе мора да сносат одговорност за целокупната оваа промашена ненародна криминална и коруптивна политика изминатиот период“, потенцира Мицкоски.

Мицкоски зборуваше и за атмосферата за време на средбите на работните групи.

„На тие преговори посебно од страна на изготвувачот на тој закон, состаноците изобилуваат со еден вид изразено чувство одмазда, чувство за атак и политичка пресметка со неистомислениците, во случајот опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ“, образложи Мицкоски.

Надеж дека може да се дојде до заедничко решение постои и кај владејачката СДСМ. Портпаролот на партијата Костадин Костадинов вели дека ќе продолжат да му даваат шанса на дијалогот и покрај тоа што Мицкоски  не дошол на лидерска средба. За власта проблематично е и тоа што дел од преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ е пратеникот Антонио Милошоски, кој како што потенцираше Костадинов е осомничен во случај од СЈО.

„Заврши времето кога политичарите бираа јавни обвинители а судството се контролираше од белиот дворец. Реформите ќе продолжат во интерес на правдата, граѓаните и државата, колку и да не им се допаѓа на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Костадинов.

Последен пат работните групи се сретнаа минатата недела. Пратеникот Милошоски и министерката Десковска информираа дека нема напредок и дека нова средба ќе има по 15-ти август.