На 9 јули 1942 година, во Обласната полициска станица во Скопје од бугарските фашисти е убиен народниот херој Цветан Димов.

Ова е податок од рубриката на Денешен ден, а прашање е дали му е познат на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Владо Бучковски, сега актуелен специјален пратеник за надминување на недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија, иако важи за одличен познавач на комунистичката историја, особено на седумте секретари на СКОЈ.

Цветан Димов меѓу народот бил познат како Целе Чаирчанец, роден во Скопје на 5 март 1910 година, а за народен херој е прогласен на 26 јули 1945 година. Тој е еден од првите борци од Македонија, кои го добиле тоа одликување (заедно со Орце Николов, Стеван Наумов – Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски – Карпош и Кузман Јосифовски – Питу).

По фашистичката окупација на Македонија во Втората светска војна, Димов учествувал на партиското советување, што се одржало на 22 јуни 1941 година во Козле. Активно учествувал во организирањето и спроведувањето на Илинденските демонстрации во 1941 година и станал еден од најголемите поборници за вооружена борба против новиот фашистички окупатор.

На почеток на јули 1942 година, по една провала, бил уапсен. Откако бил тешко измачуван бил фрлен од прозорец од 4. кат на Обласната бугарска полициска управа во Скопје од страна на Љубомир Јорданов, началник на групата А на државната безбедност во Обласната полициска управа. Тој набрзо починал во затворското одделение на скопската болница, а бугарската полиција лажно кажала дека „Димов се самоубил“.

Ова е историски факт, што со новата наставна програма веројатно ќе се прикажува како „шумкар“, кој загинал од „бугарските ослободители“ во „граѓанската војна меѓу бугарските комунисти и монархисти“, зашто, нели, според бугарското толкување на историјата и изнесените барања пред Македонија, ние треба да прифатиме дека Бугарите биле „ослободители“.

Но, очигледно ова не претставува никаков проблем за специјалниот пратеник Бучковски да блуе и да фрла дрвја и камења врз ВМРО-ДПМНЕ. Гостувајќи на ТВ 24, тој целата вина за ќорсокакот во кој се најдоа Македонија и Бугарија ја фрли врз најголемата опозициска партија, притоа објасну вајќи дека идејата на Владата била да покажеме дека сме сериозни да го имплементираме Договорот за пријателство со Бугарија.

-Паднаа во вода обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ кои се во континуитет, ескалацијата беше во ноември – декември. Се покажа дека реално ВМРО-ДПМНЕ не покажа трошка разбирање на заштита на националните и државни интереси. Направи сериозна штета и во Македонија и во Бугарија, дел од бугарските политичари постојано на секоја средба што сум ја имал споменуваа дека барањето на дополнителни гаранции е поради заканите од опозицијата, вели Владо Бучковски, изјави меѓу другото Бучковски.

А, ќе беше многу подобро пред да ја обвини ВМРО-ДПМНЕ, Бучковски  прво да им се јавеше на неговиот бивш шеф и сопартиец Бранко Црвенковски и на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски.

Зашто, не ВМРО-ДПМНЕ, туку Црвенковски беше тој што изјави, прво дека Бугарија сака преку членството во ЕУ и манифестирањето моќ да го постигне тоа, што не успеала да го постигне со воени средства за време на Втората светска војна, и второ дека пет негови генерации зборувале на македонски јазик. А, Пендаровски беше тој, кој прв изјави дека Гоце Делчев е нашата црвена линија, што подоцна стана и мото за протестите организирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ не беше партијата, што ја прифати одредницата „заедничка историја“ во Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, која се покажа како главен камен на сопнување во неговата реализација. ВМРО-ДПМНЕ не беше партијата на чија адреса одеа обвинувањата од бугарска страна дека не го почитува Договорот. ВМРО-ДПМНЕ не беше партијата, што ја обвинуваа дека шири лажни вести и лобира низ Европа на сметка на Бугарија. ВМРО-ДПМНЕ не беше партијата чиј член едно зборувал во Софија, друго во Скопје и трето во ЕУ. Напротив, сето ова одеше на адреса на актуелната владејачка гарнитура на СДСМ и премиерот Зоран Заев.

Конечно, за кои национални и државни интереси ВМРО-ДПМНЕ не покажало ни трошка разбирање за нивна заштита? За тие што во интервју за БГНЕС ги изнесе премиерот Заев? Па, за нив исто прв реагираше Црвенковски! И сега не Црвенковски, туку ВМРО-ДПМНЕ е виновна!

А, тоа што мислат бугарските политичари за ВМРО-ДПМНЕ, тоа си е нивни проблем, што е многу помал од проблемот што тие си го имаат со радикалите на Красимир Каракачанов.

За Бучковски изгледа ќе биде најдобро наједноставното решение-да се прифати се што бара Бугарија. Тогаш можеби ќе биде среќен и наместо 12.000 евра годишно, ќе не чини поскапо како амбасадор во Софија.