Не знам дали во формална смисла постои одлука за заедничко чествување, бидејќи тоа би требало да биде една од надлежностите на Историската комисија. Меѓутоа, не гледам проблем и да не е така.

Ние и пред да постои, тоа ви е вам добро познато, Историската комисија, сме имале заеднички чествувања на одредени настани, на одредени ликови. И без да има одлука на Историската комисија сме правеле и во Република Бугарија и во Македонија заедничко чествување на различни паметници. Така што не гледам проблем. Не гледам во тоа да некој од нашите соседи искажува пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност. Не, не гледам проблем во тоа.

Ова меѓу другото го изјави минатата година на 4 февруари пред црквата „Св. Спас“ претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање како гледа на тоа што македонска и бугарска делегација ќе положат цвеќе на гробот на македонската револуционерна икона Гоце Делчев.

За потсетување, од истиот настап пред новинарите датира и споредбата на нашиот шеф на државата на екс-бугарскиот премиер Кирил Петков со Нелсон Мендела во однос на одредени министри од претходните кабинети во Софија.

Тоа што тогаш не го виде или не сакаше да го види претседателот Пендаровски беше фактот дека бугарската страна искажа пиетет на Бугаринот-Гоце Делчев, а македонската не на Македонец, туку на „еден од камен-темелниците на нашата државност“. Со тоа, практично, тој што тоа го направи може да се толкува дека Делчев е исто што и Иван Ванчо Михајлов, со што се поистоветува борбата за национално и социјално ослободување на Македонија со врховизмот, односно со негацијата на македонизмот!

А, во книгата „Времето на Колишевски“ од Драган Кљакиќ, е содржана секвенцата од простувањето на војводата Крсто Гермов-Шаќир со него, во која стои:

-Дојдов да ти кажам уште една работа: сите пишувате, и порано пишуваа, внатрешни, надворешни, врховисти, цнтралисти и слично, е, па дојдов да ти кажам дека на Дворот (мисли на бугарскиот двор во Софија) влегувавме сите: едни низ главната врата, други низ малата врата, некои низ капиџик, некои низ прозорец, некои преку таван, а некои богами и преку баџа! Толку да знаеш, сите влегуваа…освен еден човек…Таму не влезе само Гоце Делчев…

Тоа што Пендаровски тогаш го криеше од македонската јавност е фактот што македонскиот политички врв уште во 2019 година дал дозвола за отворање на културниот клуб „Иван Ванчо Михајлов“ во Битола, што беше официјализиран во април лани. На настанот, нормално, присуствуваше речиси целата бугарска елита, а нашето државно и политичко раководство глумеше изненаденост и несогласување со изборот на името на клубот!!!

Цела година подоцна, еден, повеќе од очигледно фингиран инцидент во Охрид, во кој беше нападнат и претепан генералниот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис III“, Христијан Пендиков, чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев стана настан од висок ризик и повод за свикување на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски.

Ова од македонска страна, а од бугарска за носење на нова декларација во нивното народно собрание, во која Македонија се потсетува на обврските, што ги има преземено со Договорот за добрососедство во делот на „заедничката историја“ и заедничко чествување на значајни личности, но и на двата меѓувладини протокола, кои станаа составен дел од т.н. француски, а во суштина чист бугарски предлог за враќање на меѓусебната доверба и отворање на патот кон конечно отпочнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

А, основен услов за тоа се уставните измени и вметнувањето на т.н. македонски Бугари во него како конститутивен народ, обврска што ја презела власта без постигнат консензус со опозицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ!

И сега, за да се фрли целата вина врз неа како неконструктивна и антиевропска, што нема врска со вистината и реалноста, потребни се инциденти инсценирани од тајните служби и политичкото криминално подземје од двете страни на границата, или од другата страна на Осогово, како што милуваат да кажат во Бугарија, кои во основа треба да ги прикажат Македонците како насилници и тепачи, па ако сакате и како неофашистички антиевропејци! Кои, нели, и системски и на било кој друг начин ги мразат Бугарите, особено т.н. македонски Бугари!

А, зошто да ги мразат? Е, на ова прашање нема вистински одговор. Зашто, заедничкото живеење, сакал некој го признал тоа или не, природно довело до меѓусебни пријателски и семејни врски, кои сега наместо да се продлабочуваат и зголемуваат, одат во сосема друг, погрешен правец.

Но, така обично бидува кога политиката ќе ги земе работите во свои раце, а политичарите ќе преземаат обврски и ќе потпишуваат договори и документи без да водат сметка за последиците, што тие ќе ги предизвикаат.

Во целата ситуација посебна улога игра претседателот Пендаровски и неговиот веќе докажан конвертитски синдром. Наместо строго да се придржува на својата функција и одговорности, што произлегуваат од самата институција, тој апсолутно непотребно влегува во лични вербални препукувања со поединци од бугарската политичка структура.

Притоа, не водејќи сметка кој од нив што рекол или направил, па дури и целосно мешајќи ги ликовите со изјавите, уште повеќе и заборавајќи што прифатила и потпишала како обврска Република Македонија.

Ова можеше да се види во неговото последно интервју за Телма телевизија. Така, на пример, не направи разлика меѓу Виктор Стојанов, првиот човек на фондацијата „Македонија“, и европратеникот Ангел Џамбаски, па остана нејасно кој, според него, повикал на масовно доаѓање на 4 февруари, на гробот на Гоце Делчев во Скопје, првиот или вториот?

Тоа го стори Стојанов, а Џамбаски се предомисли и најави доаѓање во Скопје, откако Пендаровски побара од Владата да го користи и механизмот за прогласување непожелни личности во Македонија.

Во вербалната пресметка со техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков, околу навистина грозната негова изјава за насилствата и убиствата во Македонија, Пендаровски како да заборави, што прифати Република Македонија со францускиот, односно бугарскиот предлог. А, тоа се однесува на точката за отворање на досиејата на поранешните комунистички/социјалистички тајни служби.

-Владата на РСМ во согласност со декларацијата за извинување на жртвите од репресиите од режимот во периодот 1945-1990 година усвоена во 2006 година од Собранието на тогашна РМ и во духот на Резолуцијата на Европскиот парламент за Европската совест и тоталитаризмот од 2009 година, да ја реафирмира осудата и извинувањето за неправдите и репресиите извршувани во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенските комунистички власти против граѓани врз основа на нивното етно-политичко самоопрдлување, вклучително и Бугарите.

Владата на РСМ изјавува дека ќе ја создаде неопходната правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните служби за државна безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991 година. Оваа сеопфатна правна рамка ќе создаде јасни можности за слободен, неогрничен и навремен пристап, проучување, право на употреба, објавување и институционално проучување и заштита на соодветните документи.

Од содржината јасно се гледа дека Република Македонија не оставила ни трошка сомнеж, туку едноставно тврди дека поранешните тајни служби вршеле неправди и репресии врз етно-политичко самоопределување! И што сака сега Пендаровски да полемизира со Милков?!

Но, најтрагично е што Пендаровски, како демократ и легалист, ќе каже дека на Голи Оток се одело само врз основа на тоа дали си за Тито или за Сталин и дека знае само за масовното убиство во Велес и за петмината струмички студенти. Чудно е како не знае, на пример, зошто е суден Венко Марковски, кој покрај тоа што бил на „превоспитување“ на пеколниот остров, имал уште една неславна епизода?!

Или, како Пендаровски не знае за масовното убиство во Куманово извршено во јануари 1945 година? Весникот „Нова Македонија“ од 21 јануари 1945 година на својата втора страница донесува информација со наслов „Смртни пресуди за народните непријатели“. Во главата на веста се вели:„Воениот суд на Скопската воена област-Совет при Кумановското воено подрачје-со својата пресуда од 14 јануари 1945 година ги осуди на смрт со губиток на граѓанските и војничката чест и на конфискација на имотот на следните лица:…“. И во продолжение, на повеќе од половина страница, се споменуваат 40 имиња, местото на живеењ, возраста, професијата, гревот… И токму ова, објавувањето на имињата во јавно гласило, е основната карактеристика на кумановскиот случај.

Меѓутоа, иако во „Нова Македонија“ се наведени 40 лица, фигурираат уште две бројки 43 или 48, така што точната бројка не е утврдена. Сите биле уапсени во периодот по ослободувањето на Куманово, во ноември 1944 година. Но, наспроти текстот во весникот и наводната пресуда на Воениот суд, судење на уапсените кумановци немало.

Во тоа време апсолутно е позната улогата на Јефто Шашиќ, началникот на ОЗНА, исто како што е позната и интервенцијата на Методи Андонов-Ченто кај маршалот Тито. Тито веднаш дава наредба да се престане со стрелањата и да се почне со судења, а неговата телеграма во Скопје стигнува ноќта меѓу 15 и 16 јануари. Оттука и тврдењата дека егзекуцијата на уапсените кумановци била извршена или ден пред или ден по 14 јануари, зашто на 16 јануари веќе била „во сила“ наредбата на маршалот.

Групата кумановци била затворена во подрумите на кумановската полиција, зграда во која мислам дека и ден денес се наоѓа Општината. Биле однесени со три камиони, а за местото на егзекуцијата има три верзии. Според една, тие биле живи фрлани во бездна во близина на селото Орланци, на стариот пат Куманово-Скопје.

Има предание дека откако проговорила совеста на еден од учесниците во настанот, од бездната се слушнал глас на една од жртвите:„Бате Риле убијте ме, не ме оставајте овдека жив“. Според друга верзија, групата била однесена во правец на кумановската Соколана каде биле стрелана. Третата, пак, вели дека биле стрелани и фрлени во старата дупка во која кумановци ги фрлале своите мрши. Останува непознато дали првата и третата верзија, всушност, се совпаѓаат и станува збор за исто место. За што и да станува збор, сепак, кумановската масовна гробница до ден денес останува мистерија.

Ако Пендаровски веќе сака да полемизира со Милков, тогаш нека не инпровизира и ќе му биде многу попаметно да најде друг приод во објаснувањата на воените и поствоените настани. Зашто, нему секој збор му се мери и има посебна тежина и во домашната и во бугарската јавност.