Просто зачудувачки делува изјавата на претседателот Стево Пендаровски за вчерашното заедничко македонско-бугарско чествување на македонскиот револуционер и апостол Гоце Делчев. Особено лежерноста и обидот за релативизирање на целиот настан и, што е најважно, леснотијата со која историски и политички од корен ги менува улогата и значењето на Делчев.

– Не знам дали во формална смисла постои одлука за заедничко чествување, бидејќи тоа би требало да биде една од надлежностите на Историската комисија. Меѓутоа, не гледам проблем и да не е така. Ние и пред да постои, тоа ви е вам добро познато, Историската комисија, сме имале заеднички чествувања на одредени настани, на одредени ликови. И без да има одлука на Историската комисија сме правеле и во Република Бугарија и во Северна Македонија заедничко чествување на различни паметници. Така што не гледам проблем. Не гледам проблем во тоа да некој од нашите соседи искажува пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност. Не, не гледам проблем во тоа, рече Пендаровски на новинарско прашање како гледа на тоа што македонска и бугарска делегација ќе положат цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.

Има проблем претседателе Пендаровски, и тоа сериозен проблем! Но, најголемиот проблем е во тоа што вие не го гледате или не сакате да го видите.

Зашто, бугарската страна вчера искажа пиетет на Бугаринот-Гоце Делчев, а македонската не на Македонец, туку на „еден од камен-темелниците на нашата државност“. Не споменувањето на терминот Македонец, меѓу другото, значи дека еден Бугарин (Гоце Делчев) е камен-темелник на нашата државност, што не се разликува од тоа дека и други Бугари, односно само Бугари револуционери  се бореле за државноста на Македонија!

А, за која и каква Македонија тие се бореле?! За автономна, самостојна и независна, со Македонци во неа, или за автономна, исклучиво со Бугари во неа, која ќе се присоедини кон Бугарија?!

Можеби најлесно е да се постави прашањето што направи вчера Стево Пендаровски?

Наједноставно речено, тоа што претседателот Пендаровски вчера го направи може да се толкува дека Гоце Делчев, на пример, е исто што и Иван Ванчо Михајлов! Ги поистовети борбата за национално и социјално ослободување на Македонија со врховизмот! Го поистовети врховизмот, негацијата на македонизмот, со самиот македонизам!

И ова е само во најкратки црти кажано, зашто ако се оди подлабоко, тогаш на површина ќе излезат уште мал милион проблеми, што ги отвори со својот шарм!

Па, ако нешто безусловно не може да се помисли за Гоце Делчев, тоа е дека бил врховист и оти работел за тоа Македонија да биде дел од бугарската држава, што ќе рече за Санстефанска Бугарија!

А, Пендаровски не требало да направи многу. Требало само да го отвори на Дигиталниот речник на македонскиот јазик и преку него ќе дошол до македонската Википедија, иако не важи за официјален извор, и ќе можел да види што значи врховизмот.

Во Дигиталниот речник врховизмот е означен како именка од машки род, а неговото значење е дека претставува идеологија од почетокот на 20 век на Врховниот македонски револуционерен комитет во служба на бугарскиот двор. Се употребува во историјата, а како пример за употреба стои: „Тој при средбата со врховистите истакнал дека е потребна независност“.

Ако, пак, сакал да знае нешто повеќе, на истото место ќе можел да отиде на Википедија каде стои: Врховизам е политички правец во македонското национално- ослободително движење, кој што го поврзува решавањето на македонското прашање како дел од поголемото бугарско националистичко прашање.

Називите врховизам и врховисти се дојдени од Врховниот комитет, поточно за приврзаниците на Иван Цончев, а подоцна терминот врховизам и врховисти се употребувал за сите кои биле приврзаници на официјалната бугарска политика во однос на Македонија и македонското прашање. За разлика од (внатрешните), врховистите сметале дека Македонија и Одринско ќе бидат ослободени не со општо востание, туку со помош од страна на Бугарија и нејзината војска.

Според општоприфатеното гледиште во Република Македонија, за врховисти се сметаат оние кои ја спроведувале свесно или несвесно политиката на бугарската монархија и држава кон Македонија…

Текстот за објаснување на врховизмот е подолг, но ова е доволно. Во МИ-АН-овата енциклопедија, пак, врховизмот е означен како фашизам!

Претседателот Стево Пендаровски вчера, оставајќи ја отворена можноста Гоце Делчев да се толкува како врховист, практично „ја спроведуваше свесно или несвесно политиката на бугарската монархија и држава кон Македонија“.

Какво е тоа заедничко четвување кога на добронамерните граѓани и Македонци им е оневозможено достоинствено да го изразат својот пиетет кон најголемиот македонски син Гоце Делчев и сето тоа да биде оневозможено со силно полициско обезбедување. Небаре Гоце Делчев ќе стане, па го штитат од Македонците. Нешто невидено! Роденденот на еден од основоположниците на македонската држава да го штитат полициски сили! Дали полицијата го штитеше Бугаринот Делчев или Македонецот Делчев!?