Во ист ден, македонската полиција покажа дека во својата работа се води од двојни стандарди, што се (зло)употребуваат во дневно-политички цели.

Вчера во прилепскиот Основен суд почна судскиот процес против Иван Јованоски, активист на Левица, кој при прославата на 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ, минатата година, со зборови, навредливи според обвинението, му се обратил на тогашниот премиер Зоран Заев. Обвинението за нарушување на јавниот ред и мир и за заштита на ликот и делото на екс-премиерот е поднесено од СВР-Битола, ОВР Прилеп. А, како крунски доказ за омаловажувањето на Заев се наведуваат зборовите на Јованоски дека рекол, како што напишал полицаецот,  „Немаш лице да се појавиш овде, му се п….а на сите што се починати, треба да си славите уште еден празник, таму во Бугарија, не овде, ова не е веќе територија“.

Јованоски, пак, објаснува дека не рекол „ова не е веќе територија“, туку „ова не е ваша територија“.

Независно од исходот на процесот, за жал, вчера не видовме ревност кај истата таа полиција. Неа никаде ја немаше на дивото подигање на спомен-плоча во с.Оздолени, Општина Дебрца, на  бугарскиот офицер Тома Давидов. Панихидата и подигањето на споменикот се одржале во организација здружението „Цар Борис III“ од Охрид, а присуствувале негови членови и симпатизери, како и претставници на бугарскиот конзулат во Битола.

Тома Давидов е бугарски офицер, роден во Ловеч, Бугарија, припадник на ВМОРО, кој загинал крај с.Оздолени во борба со османлискиот аскер.

Ова е по вторпат подигање на спомен-плоча на Давидов без дозвола на надлежните институции. Првпат беше подигната во 2020 година и траеше само две недели. Ако се потражи на интернет, може да се најде реакцијата на Обединети за Македонија на брат Љубе, како негово „наследство“ за настанот.

-За жал, плочата траеше само две недели. Таа беше уништена од вандали. Уништувањето на плочата на војводата Тома Давидов е чин на вандализам и непочитување на сопствената историја. Обединети за Македонија не може, а да не реагира на вакво ништење на нашата историја. Затоа, упатуваме апел до МВР да го расчисти случајот и да ги пронајде уништувачите за да одговараат пред Законот. Никој нема право да уништува нешто, што е потсетник на нашата борба за ослободување, стои во реакцијата на Обединети за Македонија.

Полицијата тогаш не го реши случајот, барем не е познато во јавноста. А, ако го решеше, сигурно ќе придонесеше да не се повторува истата слика, што ќе рече, здруженијата на македонските Бугари да можат да дивеат и да прават што сакаат, без никакво почитување на законските одредби во државата.

Од друга страна, пак, ако некој, во случајот Иван Јованоски од Прилеп, вербално се спротивстави на ребугаризација на Македонија, веднаш станува предмет на прогон на полицијата под велот на заштита на ликот и делото на екс-премиерот Зоран Заев!