Со денешниот протест ја прогласуваме и почнуваме нашата национална, економска, социјална и образовна, сеопфатна и сеопшта револуција против погрешното владеење на Зоран Заев, економското и националното разнебитување, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Одговорајќи на новинарски прашања по средбата со претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, Мицкоски напомена дека протестот е вид пркос и манифестација на се она што ги тишти граѓаните и ќе продолжи, не само во Скопје, туку и во други градови низ Македонија.

Според него, 28 ноември има симболика за ВМРО-ДПМНЕ и за целокупното, како што наведе, црно владеење на Заев.

На прашањето дали е можно помирување со селективна амнестија, порача дека одговор треба да даде нејзиниот предлагач.

Во врска со средбата на Тодоров и Јанчев со премиерот Заев во Струмица, Мицкоски рече дека разбрал од медиумите, но не смета дека тоа ќе влијае на компактноста на пратеничката група ма ВМРО-ДПМНЕ.

Порача и дека во Македонија мора да почне да се води принципиелна, чесна, искрена и, како што истакна, честита политика. – Само така ќе можеме пред граѓаните да се легитимираме како совесни политичари кои ќе обезбедат подобра иднина, дополни Мицкоски.