Денеска во Општина Охрид е формиран Иницијативен одбор за подготовка и поднесување на листа на независни кандидати за членов и на општинскиот Совет за претстојните локални избори.
Според соопштението за јавноста, мотото и називот на листата на независни кандидати гласи „Охрид пред се“.
Основна цел на Иницијативниот одбор, како што стои во соопштението, е подготовка на граѓанска листа составена од професионалци, работливи, чесни и слободоумни охриѓани, кои ќе го преземат управувањето со Советот на општината и ќе го претворат во место каде граѓаните реално ги решаваат своите локални проблеми.
Иницијативниот одбор на „ОХРИД ПРЕД СЕ“, ги повикува охриѓани да дадат свој придонес во подготовката на изборната програма и да учествуваат во давање предлози за персонализација на изборната листа. Намерата на Иницијативниот одбор е да создаде изборна листа на кандидати за членови на Советот на општина Охрид кои непосредно ќе ги претставуваат интересите на своите сограѓани, интересите на еснафот, на работниците, на охридските маала и населени места, без примање наредби од политичките партии и внатрепартиските хиерархии.
Во соопштението за контакт се наведува e-mail адресата ohridpredse@gmail.com, а во улога на потписници на Иницијативниот одбор се јавуваат имињата на Томе Чингоски, Димитар Велјаноски, Јован Мирчески, Никола Пројкоски, Елизабета Баракоска, Лидија Стојановиќ, Владо Чингоски, Рита Наранџоска, Горан Трајкоски и Ивица Будески.
Во пресрет на претстојните локални избори се очекува вакви независни граѓански листи да се јават во повеќе општини, со што ќе се зголеми и понудата за избор на граѓаните. Според сознанијата, најголем дел од нив ќе опфатат незадоволни елементи од начинот на практикување на власта од страна на владејачкиот СДСМ, но и од опозицијата.
Comments are closed for this post.