Колизијата меѓу уставните и законските одредби околу (не)можноста премиерот на државата итовремено да врши и министерска функција, како и можното барање апанажа на поранешниот пратеник Никола Груевски ја наметнува дилемата дали законодавецот одново ќе го отвори Уставот за нови промени.

Ова беше посочено на денешниот брифинг со новинарите на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Мандатот на пратеник не може да се третира како работен однос. Мандатот е добиен на избори и трае четири години. Истовремено, тоа што е уставна категорија, пак, не може да се регулира со деловник или со закон. Овие празнини, како и таа што се наметна со премиерската и министерската функција, се факт и најверојатно ќе мора да се отвори Уставот, изјави Џафери.

Тој најави дека на првата наредна седница на Собранието ќе биде констатирана оставката на Весел Мемеди од пратеничката функција, а дали ќе има нов потпретседател на парламентот наместо него ќе зависи од партиските проценки и договори.