Со викотници и судири на раб на физичка пресметка започна денешниот работен ден во бугарското Народно собрание. Објавена е 15-минутна пауза за да се оладат страстите, јавува БНР.

Очекувано, синоќешната полициска акција во која беше приведен екс-премиерот Бојко Борисов и уште тројца негови блиски соработници, предизвика големи тензии. До сериозен вербален дуел дојде меѓу пратениците од ГЕРБ и на БСП за време на излагањето од парламентарната говорница на Георги Свиленски, кога тој изјави дека секој од пратеничката група на ГЕРБ е погоден од тоа што се случува. Неговите зборови дека 12 години се правеле удари врз демократијата и оти било спроведувано насилство како форма на владеење, ги предизвика бившите претставници на власта.

Седницата започна со декларација од коалицијата на ГЕРБ и СДС, што ја прочита Даниел Митов, со која се бара осуда на акцијата во домот на Бојко Борисов.

-Кога лидер на најголемата опозициска партија и довчерашен премиер може да биде предмет на бесзаконие, што останува за другите граѓани, кои не сакаат да ги прифатат празните фалби, континуираните лаги на владата, нарушениот консензус за финансиската и макроекономската стабилност, неуспехот со европското финансирање, далаверите во енергетиката, феудализацијата на институциите и општото чувство дека никој не сноси одговорност за владеењето. Ова е само мал дел од штетите, што ги нанесе владата, без да има јасен план и програма за управување. Страв ми е да помислам што ќе се случеше ако мнозинството имаше кохерентна идеологија и системски приод, изјави Митов.

Тој додаде дека овој подмолен удар ќе пројде, но оти ја мобилизира опозицијата како никогаш до сега.

-Ги повикуваме сите бугарски граѓани, кои веруваат во демократските принципи и во тоа во време на предизвици бугарското општество треба да биде единствено и сплотено. Од денеска, парламентарната група на ГЕРБ со сите законски средства ќе работи на предизвикување предвремени парламентарни избори, кои се последна можност за нормализирање на политичката ситуација и излез од ќорсокакот во кој владата ја внесе Бугарија, рече Митов.