„Планот Б“, најавен од министерката за правда, Рената Дескоска, за СЈО е оставен настрана, барем засега и им е оставен простор на работните групи да дојдат до компромисно решение за новиот закон за Јавното обвинјителство.

Работните групи на власта и на опозицијата попладнево имаа средба со Собранието.

Непостигнувањето на договор за законот за ЈО ја одложи седницата на Комисијата за европски прашања, каде треба да се усвојат или да се отфрлат амандманите на политичките партии. Претседателот на оваа комисија, Артан Груби вели дека седницата ќе продолжи штом ќе има договор.

„Оставивме простор за усогласување на ставовите за останатите амандмани кои се вкупно 41, од кои 10 се на ВМРО-ДПМНЕ и откако ќе се усогласат, тие амандмани да продолжат со последниот ден од работата на седницата на Комисијата за европски прашања поради роковите- рече Артан Груби.

Најголемите судири се токму за 10 амандмани на ВМРО-ДПМНЕ. Дилемите се однесуваат на иднината на СЈО, евентуалното префрлување на обвинителите и вработените од СЈО во новото обвинителство и продолжување на случаите или истрагите на СЈО подигнати после 30 јуни 2017 година.

Комисијата за европски прашања треба да ја затвори дебатата за два работни дена. На првиот ден од дебатата во четвртокот беа прифатеи 10 амандмани, меѓу кои и зголемување на буџетот за обвинителството, зголемување на одговорноста на обвинителите, укинување на имунитетот и намалување на одморот за вработените во обвинителството.

Според заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, главните разлики остануваат околу статусот на обвинителите од СЈО и нивните предмети кои не се во судска постапка.

– Застанавме минатиот пат на околу две до три точки кои се уште се спорни меѓу нас. Прекинавме за да направиме консултации, како ние така и опозицијата. Мислам дека денеска ќе изгладиме дел од тоа, барем се надевам, изјави Ристовски за „360 степени”.

Во врска со „план Б“ доколку преговорите не успеат, Ристовски кажа дека нема потреба од „план Б” и смета дека ќе се договорат.