Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави дека не очекува последните тензии во Косово да имаат влијание на безбедносната состојба во земјава.

И да има тензии во иднина во Косово со сличен карактер, профил или слични пропорции, тие нема да бидат такви, за да ја загрозат околината на Косово, особено нашата држава, нагласи претседателот на државата Стево Пендаровски, одговарајќи денеска на новинарско прашање.

Тој информира дека надлежните институции деновиве и во изминатите недели будно ја следеле состојбата на северната граница и според сите информации тензиите таму одат во надолна линија. Според него, тоа се проценките на надлежните служби на КФОР на Косово, на клучните меѓународни фактори и на нашите институции кои соработуваат со нив.

Во овој момент трендовите за загрозување на безбедноста се во надолна линија, состојбата се смирува и тоа се проценките за еден кус временски период, бидејќи таму долгорочни прогнози не можат да се направат, неблагодарно е, со сигурност да знаете што ќе се случува, изјави Пендаровски, кој денеска беше во прва посета на МО и на Генералштабот на Армијата.