Претседателот Стево Пендаровски го прими Шефот на делегацијата на Европската Унија во Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар.

Евроамбасадорот Жбогар на претседателот Пендаровски му честиташе за изборот и му посака успешно вршење на одговорната функција. Воедно, му пренесе поздрави и му предаде писмо со честитки од претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и од претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

На средбата беа разменети мислења за реализацијата на приоритетите и реформите на Македонија во однос на европските интеграции.

Претседателот Пендаровски укажа дека почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ е заслужен и неопходен со цел поттикнување на севкупните реформи и унапредување на политичката култура во земјата.

Очекуваме од лидерите на членките на Европската Унија да бидат принципиелни и доследни на дадените ветувања. Да го валоризираат сработеното и да овозможат Република Северна Македонија да постигне успех на планот на евроинтеграциите”, истакна претседателот Пендаровски на средбата со евроамбасадорот Жбогар.

Двајцата соговорници се согласија дека Македонија е единствена функционална демократија во регионот, со оглед на успешно организираните и спроведени претседателски избори, изборот на Претседател, како и коректноста на опозицијата во контекст на изборниот процес и признавање на резултатите и волјата на граѓаните.

Претседателот Пендаровски и евроамбасадорот Жбогар констатираа дека напредокот во евроинтеграциите е од клучно значење за подобрување на животниот стандард и одржување на еврооптимизмот на граѓаните во Македонија.