Ако работата на комисијата продолжи со ова темпо, Северна Македонија може да биде примена во Европската унија пред да бидат решени сите обострани спорови, изјави за бугарските медиуми претседателот Румен Радев, по неговата средба со новиот македонски претседател Стево Пендаровски.

Очекувам друга динамика во работата на таканаречената мултидисциплинарна експертска комисија, која заостанува во својата работа. Сето тоа што треба да се случи според тој договор, треба да се најде во учебниците, издаваштвото и во медиумите во Македонија, зашто ако продолжи вака, ќе се покаже дека еден ден Македонија одамна ќе биде формален член на ЕУ, а ќе има заостанати спорни прашања, што понатаму можат да создаваат проблеми, што, пак, нема да биде во духот на две држави членки на ЕУ, изјави Радев.

Тој подвлекол дека европската и евроатлантската перспектива на Северна Македонија се од исклучителна важност за Бугарија и оти треба да ги поддржат напорите на Скопје за исполнување на критериумите за членство.

Ние сме си најблиски на Балканот. Луѓето од двете страни на границата споделуваат заедничка историја, култура, религија и јазик, изјавил Радев.

Радев повикал, клаузулите од Договорот за добрососедство меѓу Софија и Скопје да бидат услов во преговорите на Брисел за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Тоа значи да имаме категорична и силна поддршка за европската перспектива на Република Северна Македонија. Се разбира, не безусловна, туку со јасни и отворени услови, така што ние да бидеме апсолутно предвидливи и да знаеме каде одиме и што бараме. Услови, што целосно се базирани на европските принципи и вредности за добрососедство и на европските воспоставени механизми за потврда на националниот интерес. Сметам дека така ќе имаме една многу добра перспектива, една ефикасна поддршка од наша страна, за да имаме ефикасна, а не формално обединета Европа, изјавил Радев.