Со изјавата за Гоце Делчев ја засилив македонската преговарачка позиција, вели претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Македонската јавност треба да знае дека комисијата од историчари составена од Македонија и Бугарија западна во ќорсокак. Практично дојде до ситуација, дојде до периодот 19-20 век, во кој бугарската страна инсистираше, по мое убедување од политички мотиви, сè што се случувало во тој период да биде препишано само на бугарската историја и сите тие дејци, сите револуционери и сите настани да бидат дефинирани како исклучиво бугарски. Јас после една долга серија консултации, кои ги имав со академиците во нашата академија, со членовите на нашата комисија, со истакнати интелектуалци и професори по историја на наша страна, од нашата држава, заклучив дека е потребен извесен политички ветер во грб на нашата страна од комисијата и една политичка рамка да речам, не конечно или целосно решение, туку една политичка рамка во која идните разговори во рамки на таа комисија, евентуално можат да се одвиваат, рече Пендаровски.
Во спротивно, според него, добивавме чиста блокада, значи прашање беше на време кога до крајот на годината, освен она што го имавме со години од Атина, ќе добиевме чиста блокада кон ЕУ од Софија.
Последната средба на комисијата во Скопје не беше продуктивна, има закажано следна средба во септември, во меѓувреме тие меѓу себе, членовите на комисијата имаат интензивна комуникација, циркулираат материјали во двете насоки во смисла да се најде заедничко стојалиште за тие работи и да дојдеме до она што е примарната цел на таа комисија да зборуваме за личности, не за сите, и да зборуваме за настани, не за сите настани во тие два века кои се споделени, не се само македонски, не се само бугарски, бидејќи целта е, повторувам, да видиме каде имаме споделена историја, не таа да биде комплетно бугарска и ние од оваа страна само да потпишеме таква работа, бидејќи тоа не е целта на комисијата и што е поважно тоа не е историски факт, вели Пендаровски.
Comments are closed for this post.