Претседателските кандидати денеска ја продолжуваат кампањата во чии рамки ги претставуваат своите програми.

По вчерашните средби со граѓаните на Аеродром, Центар, Сопиште и Студеничани, активностите на владејачката коалиција, предводена СДСМ, и денеска се концентрирани во Скопје, каде што ќе се одржи Конвенција на која ќе биде претставен заедничкиот кандидат, Стево Пендаровски.

Кандидатката за претседател на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, која вчера ги посети Дебарца, Струга и Преспа, денеска ќе се претстави пред граѓаните на Неготино и Кавадарци.

Претседателскиот кандидат на Алијанса за Албанците и Беса, Блерим Река, според најавите, за денеска нема закажано активности.

Кампањата официјално започна завчера, а ќе трае до 19 април по што следува 24-часовен изборен молк пред денот на гласањето.