Доколку ја добие довербата од гласачите и биде избрана за претседател на државата, кандидатката на опозициската коалиција, Гордана Силјановска – Давкова најави дека ќе одбере луѓе што ќе ја претставуваат Македонија во вистинско светло и нема да ја срамат по светот.

Силјановска изјави дека ќе именува најдобри правници во Уставниот суд, најстручни луѓе во Советот за безбедност, ќе мисли на најквалификуван гувернер, ќе доделува одликувања само на најумните, ќе става вето секогаш кога Уставот ќе биде прекршен, но и секогаш ќе ги има на ум граѓаните кога ќе се обраќа пред Собранието, не еднаш во годината, туку многу пати.

Како што истакна професорката пред граѓаните на Струга, ќе биде претседател на сите граѓани на Македонија.

Обраќајќи се пред сите националности, Силјановска-Давкова ја побара довербата од стружани на претстојните претседателски избори говорејќи за актуелната политичка состојба во државата. Во своето обраќање Силјановска Давкова забележа дека денеска, како што истакна, 75 години по АСНОМ првпат на официјална државна посета не ја слушнавме државната химна.

Целата македонска приказна е во химната, во борбата за правдините. Денеска премиерот го прекрши Законот за грбот, знамето и химната. Закон што се носи со дво-третинско мнозинство. Закон во кој се вели во било каква официјална средба мора да се емитуваат химните на двете држави – изјави рече Силјановска-Давкова.

Таа потсети дека при носењето на Преспанскиот договор укажала оти следно што ќе се менува е химната.

Држава без химна нема важен симбол. Химната е Македонија. Не ни преостанува ништо друго освен да продолжиме да се бориме за своите правдини. Правото на самоопределување е основот на создавањето на Обединетите нации, меѓу нив е и македонската. Нема право на самоопределување без право на свое име, знаме, химна, себе идентификација, само идентификација. Само оние кои веруваат дека нешто без корен, како Северна Македонија, може да опстои не водат сметки за химната – потенцира Силјановска-Давкова.