Мицкоски е коректен и прав кога вели дека нема да поддржи Бугарите да влезат во Уставот ако нема гаранција за Македонија, изјави претседателот Стево Пендаровски за „Само интервју“ на Канал 5.

Пендаровски рече дека ако од Бугарија велат дека сакаат промена на Уставот, на ист начин треба да кажат дека ќе се обврзат дека нема да бараат ново барање.

– Ако вие ми кажете дека сакаме да бидат гарантирани правата на Бугарите во Македонија, јас немам проблем со тоа, но на кој начин. Тие мислат дека треба да биде на самиот почеток, да го смениме Уставот и тоа за нив да биде најголема гаранција, јас мислам дека тоа е еден тип на уцена. И во тој дел треба сме чесни и да признаеме дека македонската опозиција има коректна позиција. Власта и опозицијата имаат идентична позиција за гаранции, изјави Пендаровски.

Тој додаде дека на почетокот да ги внесеме Бугарите и после да речат дека имаат и друго барање, и трето и петто, тоа може да биде повеќекратно вето.

– Ние мораме да имаме некаква гаранција и од Бугарија и од Брисел дека ова ќе биде последното барање. До овој момент нема позитивни сигнали од Софија, нагласи Пендаровски.