Претседателот Стево Пендаровски во сите свои изјави и интервјуа има единствен и конзистентен став, македонскиот идентитет, јазикот и културата не се и не можат да бидат на преговарачка маса со Бугарија или да бидат дел од преговарачката рамка. Членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако од нас бараат да се обезличиме.
Ова е одговорот од Кабинетот на шефот на државата на прашањето на Пресинг ТВ, како би постапил и какво е неговото мислење доколку е на маса договор со Бугарија така како што го претставува лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Мицкоски на вчерашниот брифинг со новинарите потврди дека неодамна имал средба со претседателот Пендаровски на која бил запознат за текот и разговорите со бугарскиот претседател Румен Радев на заедничкото чествување на Светите браќа Кирил и Методиј во Рим.
Првиот човек на најголемата опозициска партија на вчерашата средба со новинарите ги најави протестите во Скопје и уште во десет други градови во Македонија се додека Владата јавно не соопшти, што точно содржи португалскиот предлог за надминување на недоразбирањата со Бугарија.
Според Мицкоски, наредните две недели се критични, зашто врз основа на информациите со кои располагаат и сознанијата добиени од дипломатски извори, премиерот Зоран Заев и специјалниот пратеник Владо Бучковски тајно преговараат со Бугарија, притоа прифаќајки дел од Декларацијата, што ја усвои бугарското Народно собрание. Ова, практично, би значело асимилација и бугаризација на Македонците и долгорочно замрзнување на преговарачкиот процес, зашто барањата на Бугарија ќе станат дел од преговарачката рамка, од една страна, и спорот повеќе нема да биде билатерален, туку ќе стане спор меѓу Македонија и Европската унија.
Comments are closed for this post.