Парите од продажбата на градската куќа не се на сметката на Град Скопје, велат извори на ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија се сомнева дека градскиот татко Петре Шилегов „мистериозно ги стопил“ парите од продажбата, 12,7 милиони евра.

Во ноември месец во 2019 година скопскиот градоначалник Петре Шилегов ја продаде градската куќа за 12.7 милиони евра, честејќи го новиот сопственик со гратис земиште и ослободени комуналии. Со парите од 12.7 милиони евра, речиси 2 години подоцна не е купен нов објект, ниту пак е започната некоја нова инвестиција од корист за скопјани. Дали со продажбата на претходно изградената градска куќа е направена измама тешка 12.7 милиони евра, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно предупредивме дека направен е “договор” за објектот на поранешното ЕСМ, каде градот би бил оштетен по принципот ново за старо, велат од партијата.

Каде се, и за што се употребени 12.7 милиони евра од продажбата на новата градска куќа?

Градската куќа на кејот на реката Вардар, која беше ставена на продажба преку јавна аукција, беше продадена за почетната цена од 12,7 милиони евра. Новиот сопственик е компанијата ЕВН, која воедно била и единствениот понудувач.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов уште во септември 2019 година ја најави продажбата Градската куќа, која почна да ја гради неговиот претходник Коце Трајановски во 2011 година. Според Шилегов, во овој објект немало место за сите вработени туку само за 350, а местото на администрацијата на главниот град не е некаде фрлено на страна, туку во центарот на градот.

Не е познато каде ќе се сели Град Скопје, иако продажбата ќе биде финализирана во следните неколку недели.

Повикот за пријавување на заинтересирани фирми за учество на електронската аукција траеше до 31 октомври, а ЕВН беше единствената компанија која се пријави.