Претседателот на државата Стево Пендаровски вечерва изјави дека нема контакти со бугарскиот претседател Румен Радев и дека последен пат кога се видел со него било минатата година на Мини самитот за енергетика во Софија.

Во гостување во централниот дневник на „Сител“, претседателот Пендаровски рече дека во изминатите две години немал ниту еден конструктивен разговор со Радев, потенцирајќи дека, според него, не постои клима на добрососедство.

– За танго треба двајца. Објективно изминативе две години Бугарија имаше серија на провокации кон нас и излезе со аргументи за наша блокада кон ЕУ каква што немало во историјата на ЕУ. Ниту една држава не блокирала друга држава со тоа што викала „Вие не сте тоа што мислите дека сте“. Да зборувате за идентитетска политика и да викате дека јас не сум Македонец и дека само ако ги сменам сите учебници ќе можам да напредувам кон Европа… Ние може да глумиме средби, но последниве две години практично немам ниту еден конструктивен разговор со Радев, изјави Пендаровски.

Во однос на неговите изјави со кои предизвика реакција во Софија, Пендаровски рече дека поважна му е реакцијата на граѓаните во државава, отколку реакцијата од Софија.

– Еден не ми рече – таа работа не ти требаше, не зборувам за политичари. Кај нас има политичари кои сакаат постојано, независно што доаѓа како провокација од Софија, да прават добар амбиент за преговори и да спуштаат тензии. Јас не сум од тие. Јас додека сум тука и сум платен да ги штитам интересите на македонскиот народ и македонските граѓани, истакна Пендаровски.

Отворањето на бугарските клубови во земјава, според Пендаровски, е една од можните причини за зголемување на незадоволството кај граѓаните од францускиот предлог.

– Постоеше период кога се намалуваше отпорот. За жал, повторно почна да се зголемува. Јас мислам, но тоа бара повеќе време и подлабоки анализи, но мислам и убеден сум во тоа дека организираната намера на Бугарија да провоцира со сериско отворање на т.н. клубови на Бугарите во Македонија придонесе тој отпор да се зголеми повторно, рече Пендаровски.