Претседателот Стево Пендаровски се обрати на отворањето на онлајн конференцијата посветена на високото образование во регионот на Западен Балкан, на тема „Заеднички вредности, способности и одржлив развој”. Евентуална блокада или одложување на почетокот на преговорите би било голема грешка или голем неуспех, пред сè на ЕУ и на германското претседавање, кое е многу ангажирано во поддршка на земјите од Западен Балкан”, нагласи Пендаровски.

Пандемијата со ковид-19 нè потсети на тоа кои се нашите заеднички вредности. Во демократскиот свет во кој живееме, општо е прифатено дека тие вредности се владеењето на правото, демократските политички вредности, функционалните институции и културата на дијалог. Но, сите овие важни вредности во суштина се во поддршка на една многу повисока цел. Врвна вредност за секоја држава и за секое општество е човековиот живот, рече претседателот на Македонија на почетокот од своето обраќање и порача дека државата треба да е способна да обезбеди просперитетен живот и почитување на човечкото достоинство.

Но, смета Пендаровски, тоа воопшто не е лесна задача, зашто пандемијата сериозно ги наруши не само здравствените, туку и економските, социјалните, културните, образовните, еколошките аспекти на нашите животи.

Оваа платформа за размена на експерти меѓу трите држави, која е поддржана од Германската служба за академска размена – DAAD, доаѓа во вистинско време. Во услови на пандемија, важноста на високото образование и на науката станува уште позначајна, не само во справувањето со последиците, туку и во дизајнирањето на нашите општества врз одржливи основи за во иднина. За да можеме да се ориентираме кон зелена и инклузивна економија, чиста технологија, обновлива енергија, неопходно е да развиваме силно партнерство меѓу носителите на одлуки, научната и академска заедница и бизнис-секторот. А, предусловот за тој потфат бара градење на меѓусебна доверба меѓу клучните чинители, рече Пендаровски.

Тој потсети дека пред само четири дена со Обединетите нации е потпишана новата Рамка за соработка за одржлив развој за периодот од 2021-2025 година со цел преку овој документ да се поддржат напорите за подобрен животен стандард на македонските граѓани, инклузивен и зелен развој, универзален пристап до здравство, образование и социјална заштита, амбициозна климатска акција, отпорност кон катастрофи и многу повисок степен на владеењето на правото.

Истовремено, нашите национални напори за одржлив развој се усогласени со нашата клучна надворешнополитичка цел – членство во Европската Унија. Република Северна Македонија заслужува и е подготвена да ги започне пристапните преговори за членство во Унијата и тоа уште за време на германското претседателство. Интегрирањето на нашата земја во Унијата, но и на другите земји од Западен Балкан, е во интерес на регионалната безбедност и на просперитетот. Евентуална блокада или одложување на почетокот на преговорите би било голема грешка или голем неуспех, пред сè, на Европската Унија и на германското претседавање, кое е толку многу ангажирано во поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, нагласи Пендаровски.

Тој порача дека негативниот исход неповолно ќе влијае на стабилноста и иднината на регионот.

Конференцијата на која се обрати претседателот Пендаровски, е поддржана од Германската служба за академска размена, а е организирана од трите универзитети од Германија, Македонија и Албанија.