На Конгресот на партијата на етничките Македонци во Грција, Виножито (Уранио токсо) едногласно беше донесена Резолуција, а една од точките беше во училиштата да се овозможи учење на македонски јазик.

Еден од лидерите на Виножито, Павле Воскопулос Филипов за ПресингТВ изјави дека согласно Резолуцијата „испративме барање до грчкото Министерство за признавање и изучување на јазикот. Барањето е официјално, но уште немаме добиено договор“, вели Воскопулос.

Конгресот на Виножито беше одржан на 11 ноември во селото Горно Врбени, Леринско, но иако помина цел месец од упатеното барање до Владата во Атина, одговор од надлежните нема.

Намерно не негираат, не сакаат ни одговор да ни пуштат, за да не стават индиректно „печат“ на јазичното прашање. Сега, се разбира, откако ќе се ратификува Договорот во грчкиот парламент, ние веднаш ќе упатиме ново барање врз основа на членот во Договорот околу македонскиот јазик“, истакнува Павле Филипов.

Барањето на Виожито, сепак, не помина незабележано во грчките медиуми, а еден од нив е „Прото тема“ која пишува дека станува збор за координирано дејствување на „Словените во Грција со владата во Скопје“. Весникот барањето на партијата Виножито го поврзува со говорот на премиерот Зоран Заев во македонското Собрание, кога тој во амандманската расправа вели дека со Преспанскиот договор се отвора можност македонскиот јазик конечно да почне да се изучува во Грција.

„Прото тема“ пренесува дека на Конгресот во Горно Врбени е избрано ново раководство и е донесена одлука да се учествува на европските избори во мај в година и притоа акцентот го става на барањето да се учи „македонскиот јазик“ каде тој се зборува во Грција. Според весникот, Македонците во Грција „сега се обидуваат да го капитализираат Преспанскиот договор пред тој да дојде за ратификација во грчкиот парламент“.

На Конгресот, Виножито ги донесе следните одлуки:конечно да се признае македонско малцинство, да се воведе македонскиот јазик во образовниот систем во местата каде тој се зборува, веднаш да се овозможи безусловно враќање на македонските политички бегалци, со што ќе се затвори едно хуманитарно прашање и последната отворена една рана на граѓанската војна и веднаш да се премине на легализирање на Домот на македонската култура согласно пресудите на Европскиот суд за човекови права.