Одборот на директори на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката (АДСДП) одлучи паркингот „Центар“ кај хотелот „Холидеј ин“ да престане со работа. Службите на претпријатието не можат да стопанисуваат со него по новонастанатата состојба со враќање на најголем дел од просторот на повеќе сопственици и продажба на приватен инвеститор, соопшти денеска АДСДП.

Извадените месечни и годишни карти за паркингот кај „Холидеј ин“ ќе може да се користат во катните гаражи „Солунски конгерс“, „Разловечко востание“ и „Кресненско востание“ на трошок на АДСДП.

 Најголем дел од просторот на паркингот кај хотелот „Холидеј ин“ е вратен на повеќе сопственици, меѓу кои е и Македонската православна црква. Дел од нив, меѓу кои и МПЦ , истите ги отуѓија на приватен инвеститор обезбедувајќи повеќе од 30 проценти од вкупната површина што според Законот за градба е основа за дооформување на целокупната урбанистичка парцела. Сите лица кои за користење на услугите на паркингот кај Holliday Inn имаат извадено месечни или годишни карти , ќе можат да ги пренаменат за трите катни гаражи на АДСДП кои се исто така лоцирани во центарот на Скопје ( “Солунски Конгерс“, “Разловечко Востание“ и “Кресненско Востание“). При тоа, граѓаните треба да го запазат рокот на нивното издавање, односно тој не смее да биде истечен. Вадењето на овие карти ќе биде на трошок на АДСДП, се вели во соопштението од АДСДП.

Намената на земјиштето кај паркингот „Холидеј ин“ е „станбено домување и деловни згради“ и со сегашниот Детален урбанистички план на општина Центар е предвидена исградба на висококатници, а продажбата на државното градежно земјиште предизвика реакции во јавноста. Во општина Центар е во сила мораториум за издавање одобренија за градење. Градоначалникот Саша Богдановиќ вчера изјави дека до општината досега не се доставени ниту проект ниту барање за издавање дозвола за градба на висококатница, но, како што рече, и да биде доставено такво барање тоа ќе биде одбиено, бидејќи планот за делот каде е планирана изградбата на висококатниците е под мораториум и се ревидира, како и триесеттина други планови во општината.

Министерството за транспорт и  врски, пак, информираше дека се е законски во отуѓувањето на 9.048 метри квадратни државно градежно земјиште на фирмите „Фешн груп“ и „Обновители“ откако тие претходно се стекнале со над 30 проценти од градежната парцела откупувајќи 4.605 метри квадратни од физички лица. Цената од 19.200 денари е утвредна со Уредба што ја донела Владата во август 2016 година.