Покрај прислушкувањето на сите фиксни броеви од телефонскaта централа во Јавото обвинителство, таков ист систем бил поставен и во новата зграда на Основен суд Скопје 1, рече премиерот Зоран Заев. Тој се надева дека истрагата ќе  ги даде одговорите кој и зошто ги набавил, кој го користел, како и оти ќе има одговорност за тоа.

Јас сум информиран во моментот кога министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е информиран за истрага, која е отпочната верувам пролетта. Тоа точно ќе го каже јавниот обвинител кој ја водел истрагата. Се работи за систем поставен во централата за внатрешната комуникација во Јавното обвинителство. Знам дека истоветен систем е поставен и во новата зграда на Основен суд Скопје 1 и веројатно ќе кажат и каде се на друго место. Уште во далечната 2016 година, некаде тоа е користено, некаде не, истрагата ќе покаже кој тоа го користел, кој како го злоупотребил. Јас верувам дека веќе ги имаат сите наоди, рече Заев.

Ова пак, како што рече, претставува само уште еден доказ колку била упропастена Република Македонија.

Ова се сериозни работи и нема играчки со вакви работи. Се работи за приватноста на луѓето, во конкретниов случај се следела комуникацијата внатре во самата институција, како комуницирале обвинители, истражители и сите што работат. Сето ова претставува само уште една потврда колку е руинирана Македонија, колку е важно правниот систем да го вратиме во државата, колку е важна борбата против корупцијата и борбата против целокупниот криминалитет во Република Македонија. Јас ги охрабрувам институциите да продолжат со вака одважни храбри изјави, храбри истраги се додека не станеме нормална земја, рече Заев.

На обвинувањата од опозицијата дека уредите за прислушување биле монтирани во време кога технички министер за внатрешни работи бил Оливер Спасовски, премиерот кажа дека во времето кога се набавени телефонските централи во Јавното обвинителство и во Основен суд Скопје 1 се знае кој раководел со нив и дека бегање од одговорноста нема.

Ако покаже истрагата дека тоа е со нивно знаење, а тие се тие коишто ги набавиле, потпишале, исплатиле ваквите централи секој ќе си понесе одговорност. ВМРО-ДПМНЕ кое што дава изјава беше главниот поддржувач на ваквите начини на работење и владење во државата, а Мицкоски беше десната рака на Никола Груевски. Веројатно тоа е пренесено како некоја оставнина и наследство, но секако истрагата ќе ги покаже сите детали, рече Заев.

Државниот обвинител Љубомир Јовески на брифинг обелодени дека Јавното обвинителство е цели две години снимано, а дека постојат 2 хард-диска во просториите кајшто е сместена телефонската централа кои се со снимени телефонски комуникации од 30 септември 2016 до денес.