Во врска со настаните од 27-ми Април, за кои во моментов се води судски процес, а кој беше дел од процесот за помирување преточен во Закон за Амнестија.

Со жалење констатираме дека денеска Јавното обвинителство, во текот на завршното обраќање, не ги испочитува одредбите од член 1 од Законот за амнестија, каде многу прецизно е дефинирано за какви дела треба да продолжи судскиот процес. Од таа причина сакаме да истакнеме дека почитувањето и спроведувањето на законот е императив за владеење на правото.

Затоа апелираме до Судот доследно да ги испочитува одредбите од Законот за амнестија, со оглед на доказите кои беа изведени во текот на судскиот процес.

Ова е соопштението на пратеничката група на независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ по денешните завршни зборови на обвинителството во судската постапка за настаните од 27 април 2017 година, која беше автор на Законот за амнестија.

Генерално, за сите обвинети делото од членот 313 од Кривичниот законик не требаше да постои и да има преквалификација. Тоа беше суштината на целиот закон, изјави за Пресинг Тв, пратеничката Емилија Александрова.

Таа не сакаше да коментира дали се чувствуваат „превеслани жедни преку Вардар“ со образложение дека судскиот процес се уште е во тек.

Во членот 1 од Законот за амнестија се пропишува дека со овој закон се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата: осомничени и обвинети во судските постапки кои се водат пред судовите на територијата на Република Македонија, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година за кои постои основано сомнение дека до денот на влегувањето во сила на овој закон, сториле кривични дела согласно член 384-Учество во толпашто ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, согласно член  386-Насилство, согласно член 385-Учество во толпа што ќе изврши кривично дело и кривично дело согласно член  313-Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста   од Кривичниот законик и други кривични и прекршочни дела согласно со позитивно-правните прописи во Република Македонија.

Законот се однесуваше и на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик и/или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија, а во врска со настаните од 27 април 2017 година.

Во завршниот збор за судењето, обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, ги спомена и организаторите на протестите за „За заедничка Македонија“, кои се најдоа во обвинението за насилствата. Игор Дурловски беше единствениот кој не побара амнестија, а обвинителката Рускоска му порача:

Право на обвинетиот Игор Дурловски е да не бара амнестија. Многу смело е што се коцкаше со својата судбина, но криминално е што се коцка со судбината на народот.

За Дурловски и за останатите двајца обвинети, Борис Дамовски и Богдан Илиевски-Бетмен, Рускоска рече дека доказите покажале дека протестите на „За заедничка Македонија“ не биле организирани од патриотски, туку од материјални причини.

Кирил Божиновски ги исплаќал организаторите на протестите и тие тоа не го правеле од патриотски причини, туку од материјални, рече Рускоска во завршниот збор.