Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи и  министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска престојуваа во работна посета на Париз. За време на посетата, беа остварени одделни средби со државниот секретар за европски прашања, Амели де Моншален во француското МНР и  со Клеман Бон, советник за Европа во Кабинетот на претседателот Емануел Макрон, соопшти Владата.

На средбите, заменик на претседателот на Владата, Османи и министерот  Димитров го истакнаа значењето на последниот Извештај на Европската Комисија кој прецизно го рефлектира степенот на постигнатите реформи во Република Северна Македонија во изминатата година, и јасно дефинираната препорака за отпочнување на преговорите на нашата земја со Европската унија. Соговорниците биле детално брифирани за постигнатиот напредок во клучните области кои се дел од заклучоците на Европскиот совет минатата година.

„Уверени сме дека Франција ќе препознае дека нашата жед и работа за создавање стабилна и просперитетна европска демократија дома, целосно се совпаѓа со визијата и напорите на претседателот Макрон за силна, стабилна и просперитетна Европа“ – потенцираше министерот Димитров.

 “Европските перспективи претставуваат единственото гориво кои имаат доволно сила за да ја придвижат трансформативната моќ на Европската Унија на Балканот, која, токму на примерот на Република Северна Македонија покажа на дело дека умее да ги менува општествата на подобро, што претставува основа и за подлабоко, регионално влијание, како заемен интерес во создавањето трајна стабилност и просперитет на целиот континент“ – истакна вицепремиерот Османи.

Тој притоа посочил на „високите очекувања на граѓаните на Северна Македонија, но и на земјите од регионот, токму за европските перспективи на земјата“.