Министерот за надворешни работи Бујар Османи во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 изјави дека Бугарите во земјава треба да се чувствуваат како слободни граѓани, кои ќе ги имаат сите права.

Бугарите во Македонија треба да се чувствуваат како апсолутно слободни граѓани кои може да се организираат како колективна заедница, и ќе ги имаат сите права, па ако треба и нивно споменување во Уставот – вели Османи.

На прашањето дали во тој случај ќе треба да се менува Уставот, Османи одговори оти нема резервираност за тие да бидат споменати како посебна етничка заедница.

Немаме никаква резерва да бидат споменати како посебна етничка заедница, ако тоа им значи на било која страна – вели Османи.

На прашањето дали Бугарија има побарано такво нешто, османи негативно.

Јас не сум чул. Немаат побарано такво нешто. Не сме разговарале за ова – додаде Османи.

Османи во средата, во врска со реакциите за правата на бугарската заедница во Македонија, побара претставниците на бугарските здруженија во земјава да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел, како што рече,  утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа заедница, што според него, би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата.

На тоа реагираше директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски, кој во изјава за МИА рече дека во сите пописи од ’48 наваму имало код за бугарска етничка припадност.

Имаме податоци во однос на таа етничка припадност и ќе има и понатаму. Кој како ќе се произнесе е исклучиво негово право и ние не смееме да влијаеме – изјави Симовски во средата.

Во понеделникот бугарскиот претседател Румен Радев свика состанок со шефовите на безбедносните служби, за наводното непочитување на правото на самоопределување на Бугарите во земјава.