Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата Сите за правично судење и Фондацијата Отворено општество – Македонија, бараат спроведување темелна истрага за институционалните пропусти околу бегството на поранешниот директор на Управата за безбедност и разузнавање Сашо Мијалков. И покрај епилогот на овој случај,  сметаме дека е неопходно итно утврдување на одговорност од страна на надлежните органи за настаните кои му претходеа на изрекувањето на пресудата, се вели во заедничкото соопштение.

Трите здруженија сметаат дека ова бегство се случи токму поради отсуството на соодветна реакција за пропустите и неажурноста на институциите, што овозможија бегство од земјата на Никола Груевски, кој беше осуден на двегодишна казна затвор со правосилна пресуда во случајот познат како „Тенк”, како и на други три лица од високо-профилираните кривични постапки.

„Истрагата и понесувањето одговорност е од исклучителна важност за градењето правна држава и владеење на правото, поради очигледните пропусти на македонскиот кривично-правен систем. Добиените сознанија за институционален пинг-понг и непотребни преписки од моментот кога се добиени индиции за бегство на обвинетиот Мијалков, до моментот кога му се губи трагата, ја потврдуваат неажурноста на надлежните органи во борбата против криминалот”, велат граѓанските здруженија.

Тие нагласуваат дека инсистираат на истраги преку кои ќе се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на Министерството за внатрешни работи и на Агенцијата за национална безбедност.

Соодветно на резултатите од истрагата, бараме да бидат санкционирани сите раководни лица и службеници, кои не ги почитувале законските и подзаконските акти, со што помогнале обвинетиот Мијалков да стане недостапен на органите. Сите контрадикторни тврдења, изјави во медиумите, целокупното однесување и постапување на ОЈОГОКК , фрлаат дамка на непристрасноста и стручноста во постапувањето на ОЈОГОКК, поради што бараме Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија да спроведе постапка за да се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето, се нагласува во соопштението.

Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата Сите за правично судење и Фондацијата Отворено општество – Македонија сметаат дека само со сериозен пристап за утврдување на вистината и одговорноста во самите институции, може да се изгради функционален систем, кој обезбедува правда и во кој сите се еднакви пред законот.