Очекуваме дека ќе го добиеме еден од најдобрите извештаи на Европската комисија од досега добиените и ќе добиеме кристално чиста препорака, а земјите-членки треба да ја одобрат. Во услови кога европската идеја е се повеќе нападната, оспорена и загрозена, Република Северна Македонија направи преродба на нејзините основни принципи, едноставно таа е еден остров на Балканот кој ја преродува и заслужува повеќе од кога било и од кој било да почне овој процес. Аргументите на Франција дека Европа треба прво да се продлабочи пред да се прошири, ние го објаснуваме со фактот дека ние не бараме утре да влеземе во ЕУ, ние сметаме дека додека Западниот Балкан се подготвува за членство ЕУ има време да се продлабочи.

Ова денеска го истакна вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи на средбата со новинарите, кој рече дека денеска е последниот ден пред извештајот на Европската комисија што ќе се објавува после два месеци околу 29 мај. Но, посочи, имајќи предвид дека утре влегуваме во предизборна кампања, а пред таа да заврши ќе почне изборната кампања за Европскиот парламент, до 29 мај и во земјите-членки на ЕУ ќе имаме една вонредна состојба во која фокусот ќе биде на изборите, а не на евроинтегративниот процес. Според него, тоа не значи дека во овие два месеца ние нема да продолжиме со иста динамика и темпо, за да се постигнат стандардите и критериумите што сме ги поставиле.

Нагласи дека добра е одлуката да не се објави извештајот во април, затоа што сметаат дека со објавувањето на неговата содржина во предизборна атмосфера би можело да се предизвика голем притисок, имајќи предвид дека во некои земји-членки не е многу популарно проширувањето на ЕУ, проширувањето со Западен Балкан.

– Ако хипотетички извештајот биде на 29 мај, одлуката на Советот на министрите е на 19 јуни, што значи вкупно 20 дена, а сите 28 земји тој извештај од ЕУ треба да го одобрат и да заземат политички став дали ќе го поддржат. Очекуваме дека ќе го добиеме еден од најдобрите извештаи од досега добиените и ќе добиеме кристално чиста препорака, а земјите-членки треба да ја одобрат. Во другите земји-членки процедурата е пократка освен во Германија и во Холандија, каде нивните парламенти треба да ја донеат одлуката, а дотогаш претставниците на владите во Советот не можат да имаат став. Ако една земја-членка нема став, бидејќи одлуката е консензуална мора сите да кажат „да” за почеток на преговори за да има одлука, потенцира Османи