Македонија разви автентичен модел на регулирање на меѓуетничките односи и може да служи како модел за земјите од поблискиот регион, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Загреб откако го прашаа дали ДУИ ќе бара федерализација на Македонија доколку претстојниот попис на населението покаже повисок процент на Албанци од претходно.

Тој објасни дека со Охридскиот договор се овозможи создавање на држава на еднакви заедници и на еднакви граѓани и од тој процес нема враќање назад, туку можно е само надоградување во смисла на продолжување на евроатланскиот пат на државата.

„Пописот е планиран за годинава, точно е дека подолг период нема Попис на населението кај нас. Кај нас Пописот не е само статистичка операција туку е и политичка операција бидејќи според Уставот правата на заедниците произлегува од процентот на застапеноста на заедниците. Затоа е важно да се создаде законски кредибилен процес во кој никој немам да се сомнева и убеден сум дека новото законско решение е кредибилен процес во кој сите ќе имаат доверба и ќе ги прифатат резултатите какви и да се”, одговори Османи.