Здружението ОМО „Илинден“ поднесе иницијатива до реонското обвинителство во Сандански и до бугарската Комисија за заштита од дискриминација за покренување постапка против македонскиот Бугарин, Виктор Канзуров, и неговата сопруга Станислава, кои сега живеат во Софија, поради чинот на фрлање во корпа за смет на венците поставени на споменикот на Јане Сандански.

-На 15 мај 2022 година, од објава на социјалната мрежа Фејсбук, ни стана познато дека лицето Виктор Канзуров, смислено извршило непристојни и хулигански активности, откако ги тргнало венците и цвеќињата поставени од ОМО Илинден и други организации на Македонци во Бугарија на споменикот на Јане Сандански во градот Мелник и демонстративно ги газеше и ги фрли во корп за отпадоци. Од објавата се гледа и дека заедно со Виктор Канзуров е негов ата сопруга Станислава Канзурова, која исто така учествува во активностите. Поставените венци пред споменикот имаат значителна вредност и се поставени од нас за да ја изразат нашата почит и признание кон делото на Јане Сандански.

Објавата на Фејсбук станала достапна до стотици луѓе, а многу од коментарите се исполнети со говор на омраза, заплашување и закани кон граѓаните со македонска самосвест и самоопределеба во Бугарија. 

Со оглед на горенаведеното, молиме да се изврши проверка на наведените податоци за извршен престап од јавен карактер и во случај тоа да биде утврдено, да биде  покрената соодветна постапка, се вели во барањето на ОМО „Илинден“, а како потврда и докази се поднесени фотографии од објавата на Канзуров од 15 мај годинава од кои се гледа како венците се симнати, газени и фрлени во корпа за смет.