Основното јавно обвинителство од Велес поднесе барање за притвор за едно лице, додека за други шестмина побара да бидат определени мерки на претпазливост. Седумте лица, сите од Струмица на возраст од 19 до 25 годин се под истрага за обид за убиство што се случи на 1-ви мај пред хотел во Стар Дојран.

Како што наведуваат од ОЈО Велес во соопштението до медиумите, настанот се одиграл пред хотел во Стар Дојран каде дошло до вербална расправија помеѓу двајца од осомничените кои биле во алкохолизирана состојба и двајца вработени во хотелот.

Расправијата преминала во физичка пресметка, а на вработените во хотелот им се придружило уште едно лице. Двајцата сега осомничени пак, повикале напомош пет други лица. Во еден момент, сите осомничени го заобиколиле помагачот на вработените во хотелот и додека бил завртен со грб, еден од осомничените со нож му нанел три убодни рани. Две во пределот на горната десна страна од грбот и една во средината на градниот кош.

Од извршената анализа на алкохол во крвта констатирано е дека осомничениот во тој момент бил во алкохолизирана состојба во која самиот се довел со количина од 1,69 промили алкохол во крвта.

Основното јавно обвинителство Велес оценило дека постои можност осомничениот кој директно го извршил делото да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело. Затоа ОЈО Велес до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Велес поднесло Предлог за определување мерка притвор за ова осомничено лице, додека за останатите осомничени е предложено да бидат определени мерки на претпазливост.