Граѓаните на Република Северна Македонија денес се горди на својот избор, ја избравме иднината, која и припаѓа на Европската унија. Ги избравме Европа и ЕУ, затоа што се изградени на вредности во кои веруваме и ги практикуваме, порача денеска премиерот Зоран Заев во Владата, каде беа одбележани 9 Мај – Денот на победа над фашизмот и Денот на Европа, но и 70 години од основањето на Сојузот на НОБ и 75 годишнината од првото заседание на АСНОМ.

-По сите премрежја и искушенија презедовме крупни и храбри чекори со цел од државата да направиме дом за сите, европски дом затоа што Република Северна Македонија била и секогаш ќе биде Европа, рече Заев.

Додаде дека преку крупни чекори е зацврстено значењето на АСНОМ, преку државно-правната традиција, но и во преамбулата на Уставот.

-Наскоро ќе стоиме пред јарболот во седиште на НАТО кога ќе се издига македонското знаме. Ќе стоиме гордо затоа што грбот, химната и знамето остануваат засекогаш во нашиот код на нашиот идентитет, исто како и нашата територија, јазикот именувањето на народот со сите атрибути, со својата историја, култура и наследство, јасно и гордо македонски, нагласи премиерот, оддавајќи им почести и заблагодарувајќи и на борците од НОБ за нивната вековна борба и стремежот на македонскиот народ и на сите граѓани за самостојна држава.