Утре стартува пробното попишување на населението во 13 општини, без усогласен закон за попис меѓу власта и опозицијата.

Откако во понеделникот беше откажана собраниската расправа за законот, власта не ја исклучува можноста за лидерска средба.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека предложениот закон е спорен и дека истиот е производ на таен договор меѓу СДСМ и ДУИ.  Бараат и тие да бидат консултурани за најголемата статистичка операција, во спротивно,  не исклучуваат и бојкот на целата операција.

Од владејачката партија велат дека пописот не смее да се политизира и уверуваат дека ќе биде по европските стандарди.

Пробниот попис ќе се спроведува според методологија предвидена во предложениот закон, кој според опозицијата е спорен. Попишувачки тимови ќе има во 32 пописни круга во 13 општини.

Од утре ќе се тестира методологијата и технологијата за попишување, но и како што велат надлежните да се утврди  со колкава доверба граѓаните ќе ги примаат попишувачите. Податоците од пилот пописот нема да бидат објавени. Пробниот попис ќе се спроведе во Прилеп, Долнени, Кисела Вода, Зелениково, Гостивар, Кичево, Струга, Свети Николе, Радовиш, Валандово, Куманово, Кратово и во Штип.

И пробниот, и главниот попис ќе траат по 21 ден, односно по три недели.

Вистинскиот попис треба да се реализира во април следната година. Предвидено е да има графа за етничка и верска припадност, а ќе ги опфати лицата кои се во странство. Тие ќе бидат забележани во посебна категорија како “нерезидентни” граѓани, а ќе може да ги пријават најблиските роднини преку нивниот матичен број.