Го оставаме минатото на изолацијата зад нас и зачекоруваме кон иднината како дел од семејството на Алијансата, рече денес министерката за одбрана Радмила Шекеринска на влезот во седиштето на НАТО во Брисел. Таа денес ќе учествува на состанокот на министрите за одбрана кога се очекува да биде и официјализирано новото име на државата – Република Северна Македонија.

Таа пред новинарите изјави дека се чувствува многу среќна и горда особено што не очекувала дека по само една година таа седнува на состаноците со сојузниците во НАТО.

„Политиката на НАТО на отворени врати не е мит, таа е реалност“, истакна Шекеринска.

Ова е првиот состанок на членките на НАТО во 2019 година и прв состанок на кој С. Македонија ќе седне рамо до рамо со своите сојузнички од Алијансата откако беше потпишан пристапниот протокол за членство минатата недела.

„Денеска е голем ден! Денеска го заземаме нашето место на масата на НАТО. Го оставаме минатото на изолација зад нас и зачекоруваме кон иднината како дел од семејството на Алијансата“, напиша Шекеринска на својот Твитер налог.

Министерката во седиштето на Алијансата ќе има голем број билатерални средби и тоа со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и со министрите за одбрана на Велика Британија, Канада, Грција, Бугарија, Белгија и Турција.