Оваа влада предводена од аболицираниот криминалец Зоран Заев ниту подобрува  макроекономија, ниту подобрува микроекономија. Цело време работи на развивање на ВИЦЕ-економија. Токму затоа државата тоне во корупција и криминал. Затоа Македонија се наоѓа на 112-то место на индексот на корупција за жал веднаш до Танзанија, со сета почит кон таа држава. Дали принципот на работа во Струмица со кој се фалеше Заев е пресликан во целата држава?, реќе денес на прес-конференција Димче Арсовски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа што јавноста го виде и го слушна на видеоснимката со наслов „евро во црквата – евро во менувачницата“, не само што не прекинало, туку постои основан сомнеж дека се има проширено како канцер на ниво на целата држава. Отворено повикуваме Обвинителството да ги испита наводите во јавноста дека речиси секој државен тендер во државата се склучува во еден хотел во Југоисточна Македонија, каде што процентот кој треба да се плати е од 5 до 15% во зависност од висината и големината на тендерот. Дали тој хотел е новата менувачница? Дали фирмите кои учествуваат во државните тендери се изложени на невиден рекет пропратен со закани и уцени со инспекции и нелегално прислушкувани  материјали? Дали власта наместо развивање на државната економија работи на единствено на личното богатење?, праша Арсовски

Тој додаде дека корупцијата е сеприсутна и ги јаде народните пари, а заради тоа енормно ја задолжуваат државата.

Заради тоа јавниот долг ни е пораснат над 5 милијарди евра, заради тоа само за 9 месеци имаме нов долг најмалку 375 милиони евра нето, заради тоа нема изградба на нови училишта, градинки, болници, заради тоа нема абер од ветениот раст на БДП од 5%, додаде Арсовски.

Тој истакна дека „2018 година ќе биде запаметена како година на црнила.

Пропадната година за жал. Тоа што самите го проектираа како капитални инвестиции од буџетот не го реализираа, исто како што не ги реализираа ниту изборните ветувања за поврат на ДДВ од 15%, за 13 плата во секое семејство, за 600 километри нови автопати, 500 евра просечна плата, 100 илјади денари плати за докторите. Ништо од тоа нема, заврши Арсовски.