Јавноста од денеска има можност да го следи и анлизира трошењето на буџетските средства од страна на владините функционери.

Министерството за информатичко општество и администрација го промовираше новиот портал за отворени податоци  data.gov.mk.  Во моментов се објавени 111 податочни сетови, од 42 институции.

Преку порталот за отворени податоци сакаме да ја подобриме испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Тој исто така овозможува да се зголеми учеството на граѓаните при креирањето политики и при анализа на испорачаните резултати. Со еден збор, преку порталот за отворени податоци ја носиме транспарентноста и отвореноста на институциите на едно повисоко ниво, рече министерот Манчевски.

Дел од податоците достапни на порталот се објавуваат за првпат, дел се и претходно објавени, но како што додава Манчевски, сега се достапни на едно место, во формат којшто е лесно разбирлив.

На дискусијата, по повод промоцијата на сајтот говорше и министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски кој смета дека отворените податоци, освен што придонесуваат за зголемување на транспарентност и отчетноста се силен поттик за економски и социјален развој на државата.

Тој треба да овозможи и поголема вклученост во градењето на политиките на државата, да помогне во борба против корупцијата, но и да обезбеди нови можности и за бизнис секторот. Објавените податоци овозможуваат и поттикнуваат независна анализа на владините политики и информации, рече Поповски.

Во своето обраќање Амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј потенцираше дека обврска на јавните институции се отворените податоци да бидат што е можно поотворени, а се во интерес на секојдневниот живот на граѓаните.

Пристапот на отворена влада е нешто што е незаменливо кога станува збор за транспарентност и отчетност на јавните институции. Порталот што го промовираме денеска би требало да го зголеми и олесни пристапот до информациите до граѓаните, а истовремено да ги вклучи и ангажира нив да придонесуваат во начинот на развојот на политиките, рече амбасадорката.