Основното јавно обвинителство Кавадарци денеска поднесе предлози за казнен налог за седум лица, сите од Кавадарци кои во одделни случаи го сториле кривичното дело – Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Како што се наведува во соопштението од ЈОРСМ, за време на пандемија, епидемија од глобални размери определена со одлука на Генералниот секретар на Светската здравствена организација на 11.03.2020 година, обвинетите не постапиле според Писмена наредба на Министерството за здравство со која се определуваат мерки за нејзино сузбивање или спречување.

-Со одлуката е определено спроведување на задолжителна самоизолација за секој државјанин на Република С. Македонија кој влегува во државата на граничните премини, а патува од високо ризични или средно ризични земји утврдени со листата на Светската здравствена организација на денот на кој влегува во државата. Сите обвинети кои во државата дошле од различни држави, при влез во земјава на 16 март 2020 година потпишале изјави за самоизолација. Но при проверка од полициските службеници не биле затекнати во нивните домови во кои требало задолжително да ја спроведуваат мерката, се наведува во соопштението.

За сите обвинети, се посочува, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци до Основниот суд Кавадарци ги достави предлозите со кои предлага судот за секој од обвинетите да изрече парична казна во висина од 50 дневни глоби.​