Скопје денеска веројатно беше најдобро обезбедуван град во светот. За време на посетата на Папата Франциск имаше невидени мерки на безбедност. Затворени улици, булевари па дури и автопат, се со цел посетата да помине во најдобар ред.

Франциск денеска се чуваше и од небо и од земја. Веднаш по слетувањето на аеродромот папата се упати во својот автомобил и почна неговиот транспорт кон претседателската вила на Водно. На пат дотаму беа затворени сите улици, а одозгора неговото возило беше набљудувано од хеликоптер.

Строгото обезбедување на високиот гостин продолжи и со неговото доаѓање во центарот на Скопје, најпрвин пред куќата на Мајка Тереза а потоа и кон улицата „Македонија“ кон плоштадот.

Папата дотаму се возеше со својот отворен папамобил од кој мавташе и се поздравуваше со верниците.

Цело време папата беше чуван од неговото лично обезбедување кое одеше покрај него и буквално внимаваше на секој негов чекор, но и на однесувањето на публика. Високи, облечени во црни костуми со слушалки во ушите изгледаа навистина впечатливо.

Обезбедувањето на папата е едно од најдоборите на светот и е во рангот на службите кои ги обезбедуваат американските претседатели.

Секако, голема улога одигра и македонската полиција која внимаваше на безбедноста како и на соообраќајот во Скопје кое беше блокирано, но не се создадоа големи гужви поради тоа што денешниот ден беше прогласен за неработен.