Сите новинари работат со прекршени работнички права, професијата е неизвесна, работат во нерегулирани услови, поради што не може да се очекува регулирано новинарство.

Оваа порака ја испрати денеска претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Ѕвездан Георгиевски на првомајскиот марш кој ССНМ го организираше заедно со Синдикатот на македонската дипломатска служба, Независниот академски синдикат и Синдикатот на културата.

Маршот се оржа под мотото „На 1 Мај каде си? За свои права, на улица си” на плоштадот Карпошово востание.

Новинарите носеа транспаренти на кои беа напишани пароли „Пишувам за корка леб”, „Да за работа, не за ропство”, „Сиромаштија = цензура”…

-Никогаш не знаеш колку ќе те платат, колку плаќаат, никогаш не знаеш дали ќе те платат, а мораш да работиш. Се работи со договори на три месеци, шест месец, што ја продолжува неизвесноста на професијата, односно ги дисциплинира новинарите, се работи во медиуми кои се навикнати на работа во клиентелизам, во нерегуларни услови и тука не можеме да очекуваме регуларно новинарство, изјави Георгиевски.

Нагласи дека новинарите се уште во голема мера работат на хонорари без регулиран статус, без пензиско осигурување, без извесна иднина.

-Неверојатно е дека како новинари се уште немаме колективен договор, дури државата оди дотаму што практично и немаме со кого да го потпишеме тој договор, вели Георгиевски.

Додаде дека овој првомајски собир го сфаќа како симболичен начин уште еднаш да ја предупредиме јавноста или барем да станеме повидливи со нашите проблеми.

-Меѓутоа мислам дека треба да најдеме нови начини на борба, бидејќи ова досега не ни даде најдобри резултати. Се надевам дека нема да чекаме уште еден век за остварување на некои права и дека 1 Мај ќе биде она што треба да биде  – празник на трудот, а не протест за правата за трудот, нагласи тој.