Ограничување на бројот на патници во јавниот превоз на 50 проценти, забрана за секакви настани и крај на работното време на сите економски субјекти во 23 часот, се новите дополнителни мерки за кои се размислува да бидат предложени до Владата овој понеделник, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Целта на овој пакет мерки ќе биде да се намали ширењето на вирусот без директен респираторен контакт, бидејќи се поголем број од новозаразените не знаат каде и од кого се заразиле.

Одржавме состанок заедно со Комисијата за заразни болести утрово, ги разгледаме околностите со пандемијата, некои епидемиолошки податоци од анкетите. Состојбата во болниците е таква да целосно е спремна модуларната болница до Инфективната клиника, иако се уште нема таму сместено пациенти. Во однос на бројките, еве гледаме и насекаде во регионот се зголемуваат дијагностицираните случаи, со очекуваниот есенски бран“, рече Филипче.