Бугарскарта држава правела многу грешки во однос на Македонија и тоа се резултатите, изјави проф. Иван Илчев во емисијата „Ова утро„ на bTV. Така тој ги коментира, како што вели водителот, скандалозните тврдења за Бугарија во учебниците по историја во Македонија.

Емисијата доаѓа само еден ден по настапот на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која изјави дека во Македонија не постои учебник по историје, што не треба да се смени.

Во емисијата, покрај проф. Илчев, кој е член на заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, учествува и новинарот Иван Георгиев, кој претходно имал подготвено репортажа од престојот во Скопје. Во неа како гостин се јавува нашиот проф. Тодор Чепреганов.

Индикативно е што како примери се земаат три учебници, два од прва и еден од трета година, по историја, а се користи апсолутна множина за сите учебници. И сето ова доаѓа во периодот пред закажаната ноемвриска средба на мешовитата комисија.

Еве дел од тоа што на учесниците во емисијата им пречи во нашите учебници:

„Создавањето на македонскиот народ бил долг процес кој почнал во VIII век пр.н.е.

„Како скитачко племе, Бугарите постоjано го менувале местото на живеење. Се занимавале со одгледување коњи, со лов и ограбување.”

„Св. Константин – Кирил и неговиот брат св. Методиj, во 855 година ja создале словенската азбука наречена глаголица. Глаголицата се состоела од 38  букви. Токму во тоа време во североисточните области на Македониja почнале бугарските напади, па светитие браќа морале да ja напуштат Македониja„.

„Прабугарите им припаѓале на турската етничка група племиња”.„Со Веpcajскиот договор била потврдена поделбата на Македониja меѓу Србиja, Грциja,Бугариja и Албаниja. Со тоа била разбиена компакноста на Македониja, бил оневозможен демографскиот, економски, културен и национален развоj на македонскот народ. Македонскиот народ под власта на соседните држави бил подложен на денационализациja и асимилациja.”

Според проф. Илчев, треба да се промени тонот во учебниците.

Една од основните работи за кои разговаравме со колегите од Македонија е дека треба да се промени тонот во учебниците. Понекогаш некои работи, како што рече и господинот Георгиев, е тешко да се сменат, но тонот може да се промени. Зашто, тонот во учебниците во целина е антибугарски. На пример, во учебниците има многу грешки. Се говори за бугарски репресии против Македонците за време на Втората светска војна, а нема збор за српските репресии во Македонија против луѓето со бугарска самосвест. Нема ниту збор за крајот на 40-тите кога стотици граѓани со бугарска самосвест се убиени заради тоа, изјави Илчев.

Тој додаде дека со македонските колеги сакаат да се наведуваат извори и оти со нив постигнале согласност тоа да се прави, наводно, без да се преведуваат на современ македонски јазик.