Американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, најверојатно во земјава ќе остане уште 5-6 месеци, зашто во американскиот Сенат доцни процедурата на потврдување на номинациите за амбасадори.
Кети Мери Бирнс е номинирана за амбасадор во Скопје и таа веќе требаше да дојде на местото на Бејли, но заради „процедурални причини“ нејзината потврда е одложена. Таа требаше да има сослушување во Комисијата за надворешна политика на Сенатот, на на почетокот на годинава нејзината номинација е вратена кај претседателот на САД, Доналд Трамп. Ова е согласно деловникот на Сенатот, односно Правилото XXXI став 6.
Ваквата ситуација, односно метежот со сенатските потврди на номинираните кандидати за амбасадори (но и други номинации, а годишно ги има неколку илјади) е настанат и заради изборите за новиот состав на Конгресот. Бидејќи рокот кога требало да се изврши сослушувањето на Бирнс изминал, сега нејзината номинација е вратена кај претседателот и тој ќе треба да ја номинира. Така налагаат правилата.
Практично сега во Скопје не остана никој од дипломатското друштво на Бејли од неколку западни земји кои во земјава дојдоа во иста година. А, Бејли е најстар по стаж во американската амбасада – акредитивите ги предал во февруари 2015 година, а според протоколарната листа на персоналот во амбасадата нема никој кој е дојден во 2015. Обично мандатот им трае по три години, но се покажа во случајот на амбасадорот Бејли дека тоа и не мора да биде стриктно правило.
Според извори на Пресинг ТВ во Вашингтон, номинацијата на Кети Бирнс би можела да биде потврдена за пет-до шест месеци.
„Пред една недела поминаа номинациите за амбасадорите во Ерменија и Азербејџан, така што нејзината потврда ќе доцни веројатно 5-6 месеци“, вели нашиот извор.
Кети Бирнс, инаку, е ветеран во американската дипломатија со службување од 24 години, а во Скопје ќе и биде прв амбасадорски мандат. Претходно во амбасадата во Атина била заменик на амбасадорот, каде била до септември 2017 година. Има искуство и во мултилатерална организација – била вршител на должноста во ОБСЕ во Виена, каде била и заменик шеф на Мисијата до септември 2014 година. Таа е кадар од Стејт департментот, каде била во Бирото за европски и евроазиски прашања (значи ги познава состојбите во Македонија и во нашиот регион), а била советник и во американската мисија на НАТО во Брисел. Станува збор за кариерен дипломат наградуван за својата работа.
Comments are closed for this post.