Светските медиуми во извештаите за референдумскиот ден во Македонија ја акцентираат ниската излезеност на граѓаните.

Бројката на излезени е неуспех за владата и за западните лидери, кои од петни жили притискаа за цврст мандат од народот, иако владејачката партија е уверена дека може да ги собере парламентарните гласови за да ја одобри промената на името, пишува Њујорк тајмс.

Гласањето на Македонија за промена на името во Северна Македонија изгледа дека е далеку од постигнување на бараниот одѕив, вели Би Би Си

Премиерот Зоран Заев се закани дека ќе распише предвремени избори ако парламентот не го поддржи предлогот, кој слабиот одѕив го направи необврзувачки, објавува Би-би-си.

Вашингтон пост пишува дека Македонија вчера се сврте кон политичка криза откако референдумот за договорот што ќе ја отвори вратата за НАТО и ЕУ членството падна поради недостигот од потребен одѕив, зголемувајќи ја можноста земјата да биде блокирана од тие западни клубови во наредните години.

Кампањата беше внимателно следена од страна на водачите на Кремљ и западните земји, кои го гледаа гласањето како сигнал за геополитичката насока на Балканот во време кога земјите од Русија и НАТО жестоко се натпреваруваат за влијание во Европа, oбјавува „Вашингтон пост“.

Си-Ен-Ен во своите извештаи од Македонија пренесува дека имаше низок одѕив на референдумот за промена на името, во услови на кампања со дезинформации.

И покрај тоа што властите го поставија прагот на одѕив на 50 отсто, референдумот е консултативен, што значи дека премиерот Зоран Заев може да го активира процесот на уставни амандмани за преименување на Македонија, без оглед на исходот, јавува Си-Ен-Ен.

Волстрит џурнал објавува дека нискиот одѕив на гласачите ги доведува до сомнеж резултатите од референдумот на кој македонските гласачи со големо мнозинство го поддржаа договорот за промена на името на земјата во Северна Македонија, со што се расчистува патот за земјата да се приклучи на најмоќните клубови на Западот.

Резултатот е удар за САД и ЕУ, кои сакаа посилна јавна поддршка таму. Запад гледа на влезот на Македонија во ЕУ и во НАТО како витален чекор за стабилизирање на регион во кој Западот и Русија се повеќе се борат за влијание, наведува „Волстрит џурнал“.