Уставните амандмани се во рацете на двотретинско мнозинство во Собранието и би било крајно неодговорно, ако тоа не се искористи за барем да ги закрпиме дупките на европскиот пат што се гледаат со голо око. Ќе заличиме навистина на сериозна држава ако најдеме сили и зрелост, низ широк процес на вистинска демократска дебата, да формулираме државни позиции за патот напред – вели во интервју за „Дојче веле“ поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој од неодамна е претседател на невладината тинк-тенк организација „Балкански центар за конструктивни политики- Солуција”.

Тој наведува повеќе примери за потребниот национален консензус за евроинтегративните процеси.

– Прво, бугарската негација на македонскиот јазик депонирана во контекст на нашата прва меѓувладина конференција во јули 2022 година, треба да добие европски одговор во форма на афирмативни официјални декларации на другите земји членки на ЕУ дека македонскиот јазик е дел од лингвистичкото богатство на Европа и дека по зачленувањето ќе биде еден од официјални јазици на ЕУ.
Второ, влегувањето во сила на уставните амандмани да се услови со бугарско прифаќање на нешто што е неспорно во 21. век – правото на самоопределување и самоизјаснување на македонскиот народ, или со зачленувањето во Унијата.
Трето, Софија бараше и успеа историските прашања од билатерални да станат дел од пристапниот процес со ЕУ, но форматот на Комисијата остана билатерален. Во Комисијата затоа мора да има и европски олеснувач со искуство од која било од историските комисии меѓу други европски држави. Едноставно е, по изневереното ветување од страна на ЕУ врзано со Преспанскиот договор, немаме луксуз да нѐ бидеме претпазливи и искрени со македонските граѓани – вели Димитров.

Според него, од изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев и иницијативата за нова декларација во бугарското собрание, јасно се гледа непроменетата реалност.

– Спорот не само што не е решен туку е дополнително искомплициран. Негирањето на македонскиот јазик и идентитет, инаку класичен говор на омраза, поврзано со инсистирањето дека Бугарите во Македонија не се малцинство и покрај пописот, соголува непријателска стратегија на историски ревизионизам. Софија е охрабрена со таканаречениот француски предлог и се лути кога ние се однесуваме како суверена држава. Уставните амандмани се првата пречка, но зад неа чекаат и многу други, вклучувајќи ги очекувањата на бугарската политика од историчарите во Комисијата. Атмосферата е погубна за македонско-бугарското пријателство, што подразбира меѓусебно елементарно почитување, но и за европскиот наратив кај нас бидејќи е сведен на навредливи уцени – вели Димитров.

Изјавата на премиерот Ковачевски во Рејкјавик во однос на сличноста на бугарскиот наратив кон Македонците со рускиот за Украинците, според Димитров, е валидна, но задоцнета и контрадикторна со политиката на постојано одоброволување на Бугарија во услови на отворено непочитување на нашето право на самоопределување и негирање од нивна страна.

– Велам задоцнета, затоа што кога официјална Софија депонираше писмена негација на македонскиот јазик среде Брисел, Владата овде не само што глумеше пријателство, туку беше и соучесник во рушењето на македонските позиции, прифаќајќи сите алатки што ги бараше Бугарија за реализација на својата антиевропска амбиција на негирање на македонскиот идентитет да бидат дел од пристапниот процес со ЕУ. Да беше вистинско ова задоцнето соочување со реалноста, Владата ќе престанеше слепо да ги турка амандманите, ќе се извинеше за својата лекомисленост и ќе побараше помош од граѓанскиот сектор, експертската јавност и опозицијата, заедно да се најде излез од кашата. Без тоа, „јунаштвото” на премиерот е само некаков емотивен излив или уште полошо, празна предизборна реторика – вели Димитров.