Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков испрати порака преку Фејсбук и до оние кои штрајкуваат и до оние, како што вели, малкумина кои не штрајкуваат.

-На сите штрајкувачи им посакувам да останат такви какви што се, на оние малкумина што не штрајкуваа им препорачувам да си го послушаат срцето, напиша Неделков.

Денеска е вториот ден од штрајкот на вработените во основните и во средните училишта и во градинките во организација на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) кој бара зголемување на платите во дејностите образование и детска заштита. Најавена е нова средба меѓу претставници на Синдикатот и Владата во обид за изнаоѓање на решение и истата се очекува да се одржи денеска или најдоцна утре.

Министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика соопштија дека социјалниот дијалог ќе продолжи, а синдикалниот лидер Јаким Неделков порача дека тој треба да биде „конструктивен и конкретен, а не пропаднат и бесцелен разговор“.

Неделков вчера соопшти дека освен градинки во некои општини, меѓу кои Карпош, Центар, Валандово, Гевгелија, вклученоста во штрајкот била масовна и со учество на 25.000 вработени. Мал бил бројот на ученици кои дошле на настава, а релативно мал бил и бројот на деца кои биле донесени во градинките каде што, како што рече, имало и посериозни притисоци за прекин на штрајкот. Некаде се инсистирало времето на штрајкување да биде осум часа, но, рече Неделков, вработените треба да бидат онолку колку што им се смените во училиштата.

-Пресреќни сме што немало никаков инцидент, ниту некое дете било оставено пред врата. Најважно е што пораката е пратена до надлежните и таа е многу јасна – огромно е незадоволството во градинките, основните и средните училишта кои имаат проблем со нивниот социјален статус. Расположени сме уште еднаш да ја претставиме тежината на нашите аргументи пред надлежните и да ги убедиме дека ова што го бараме е издржано и да најдеме заедничко решение, рече Неделков.

Додаде дека чекаат да бидат повикани на средба што вчера во краток разговор ја најавил министерот за образование и наука, Јетон Шаќири кој, пак, вчера изјави дека го почитува синдикалното право на штрајк, но дека тој треба да биде последен чекор. Социјалниот дијалог со СОНК, рече Шаќири, ќе продолжи за да се најде решение.

-Во најбрз можен рок ќе повикам да најдеме заеднички договор за овие проблеми и наставата да продолжи. Мислам дека во текот на оваа недела ќе имаме состаноци и сакам разбирање, затоа што штрајкот требаше да биде последен чекор, рече министерот при посетата на средно училиште „Владо Тасевски“.