Кај најголемиот дел од медиумите се забележува поголема застапеност на ставовите „ЗА“ референдумот, додека кај ниту еден нема прилози со ставот „ПРОТИВ“ што е резултат на отсуство на агитација за оваа опција. Информациите за активностите и ставовите за „БОЈКОТ“ се присутни помалку и главно се однесуваа на изјавите на претседателот Ѓорге Иванов, Кризниот штаб „Македонија бојкотира“, Светскиот Македонски Конгрес и Левица, покажува Вториот извештај од мониторингот на медиумското покривање на референдумот 2018 што денеска го објави Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Резултатите од мониторингот покажаа дека и во вториот извештаен период, медиумите генерално настојуваа да обезбедат информации за различните аспекти на референдумскиот процес. За разлика од дневно-информативните емисии, повеќето радиодифузери настојуваа да обезбедат разновидност на ставовите во посебните информативни емисии, наведуваат од Агенцијата.

Мониторингот се однесува на периодот од 19 до 27 септември 2018 година.