Историја да не се изучува посебно, туку да се спои во еден предмет заедно со географија кој ќе се вика со едно име, општествени науки. Спојување е предвидено и на предметите биологија, физика и хемија исто така во еден предмет со заедничко име природни науки, а ќе се спојат и ликовно и музичко. Ова е предвидено во Концепцијата за основно образование која Министерството за образование и наука периодов ја презентира пред родителите на основците од училиштата ширум земјава.

Овие предмети ќе ги предаваат наставниците кои до сега ги предавале предметите, и од МОН велат дека нема да има наставници кои ќе останат без работа.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска на прес-конфренција појасни дека нема укинување на предмети, туку интегрирање на повеќе предмети во еден. Овој концепт е во фаза на дискусија, се базира на истражувања и анализи, а ќе има и јавна презентација. Тој, според надлежните, дава можност и за воннаставни содржини и изборни предмети.

Меѓу нив ќе бидат и избор на втор јазик, со можност за избор да се учи и Албански јазик, а има и спортско рекреативни предмети кои вклучуваат вежбање на пилатес и јога.

Нејасно е како и каде децата ќе можат да ги вежбаат овие модерни типови на тренинзи кога над 100 основни училишта во земјава немаат сала за физичко и пред пандемијата или воопшто немаа часови или физичко имаа во училница.