Учениците ширум земјава од денеска започнаа со тестирање на Националната платформа за далечинско учење, откако викендов им беа доделени лозинки со кои им е овозможен пристап до неа.

Платформата падна на првиот тест, откако повеќе родители и ученици денеска не можеа да се најават на неа.

Од Министерството за образование и наука смируваат, односно велат дека тоа е дел од тестирањето и станува збор само за моментални проблеми со поврзувањето на платформата.

Ова е очекувано, затоа служи тестирањето, тоа е поентата, да се види издржливоста на платформата – велат од МОН, додавајќи дека не станува збор за некаков проблем со платформата. 

Денеска и утре се очекува сите ученици ширум земјава да ја тестираат Националната платформа, со цел да се види нејзината издржливост пред стартот на новата учебна година која започнува во четврток.